Чинот на осветување на водите на Охридското Езеро на празникот Богојавление – Водици во Охрид, го проследија рекорден број верници, според слободна проценка над 20000.

Во отсуство на митрополитот Тимотеј од здравствени причини, езерските води ги освети владиката Полошко-кумановски г. Јосиф. Чесниот крст кој тој го фрли во студените води го фати варошанецот Петар Рупески. Тој беше најбрз помеѓу 1300 пријавени капачи.

Традиционално фаќачот на крстот и неговата тајфа денеска ги посетија домовите на охриѓани кои ги даруваа. Тој од кумовите на Водици, градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и бизнисменот Сашо Симески ќе добие сребрен крст со позлата тежок околу еден килограм, како и други вредни подароци.

-Навистина ова е едно продуховено чувство кое би сакал да го доживее секој граѓанин на Охрид и Македонија. Кумството за Водици е голема чест и привилегија. На сите православни верници им го честитам празникот и им посакувам многу здравје, многу љубов во нивните срца, сплотување и секако добрите мисли да не ги одминат во текот на целата година. рече градоначалникот и кум Бакрачески.

-Ова е најважен дел во мојот живот до сега. Се чувствува прекрасно. Нека е за многу години. – додаде вториот кум, Симески.

Амбиентот беше збогатен со културно уметничка програма, а на повеќе пунктови бесплатно се делеше вино и греана ракија.

Празникот во Охрид привлече и над 5000 гости од земјава и странство. Меѓу нив имаше и голем број познати личности и политичари. Во Охрид беа претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и премиерот Никола Груевски кој на фаќачот на крстот му подари лаптоп компјутер.

За безбеднста и сугурноста на капачите се грижеа спасувачите на Црвениот крст, нуркачи и агенции за обезбедување. Според информациите од СВР Охрид, празнувањето минало без ниту еден инцидент.

Традиционално верниците полнеа вода од осветеното Езеро, а похрабрите се искапија за здравје.


За многу години! 

OhridNews