Денес извршените мерења на температурата на водата во Охридското езеро покажуваат дека таа изнесува 26,5 степени, што значи дека за само дваесет дена нејзината температура се покачила за повеќе од шест степени.

Стручните лица коментираат дека езерската вода ретко кога во овој период од годината била толку топла. Додаваат дека вообичаено, доколку тоа го дозволувале временските услови,  таа достигнувала до 25 степени, но дури кон крајот на месец јули.


Со оглед на временските прогнози дека топлото и стабилно време ќе продолжи и во текот на месецот, се очекува температурата на водата во езерото постојано да се зголемува.

Како што информираат од Центарот за јавно здравје, последните анализи покажаа дека најголемиот дел од површинската вода од охридското и струшкото крајбрежје е од  прва и втора класа, што значи дека е безбедна  и може да се користи за капење, спорт и рекреација.

 Во тек е земање на нови примероци од повеќе мерни места чија анализа ќе заврши за неколку дена.

Т.К.