Од септември 2014 година до септември 2015 година бројот на домаќинства кои примаат социјална парична помош се намалил за 6.603 домаќинства, покажал вонредниот инспекциски надзор во центрите за социјална работа во земјата.

Инспекторите утврдиле голем број недостатоци во работењето на овие установи, а на граѓаните не им било одговарано во законскиот рок од 60 дена за остварување на правото на социјална заштита. Во делот од предметите не бил изготвен наод и мислење на стручен работник, што е спротивно на сите процедури.

„Од септември 2014 година до септември 2015 година бројот на домаќинства кои примаат социјална парична помош се намалил за 6.603 домаќинства. Ако имаме 6.603 домаќинства со минимум 4 лица по домаќинство тогаш бројот е 26.412 лица кои останаа гладни и без егзистенција заради лошите политики на ВМРО ДПМНЕ, а не заради подобрената социјална помош на овие домаќинства“, рече Фросина Ташевска-Ременски, министер за труд и социјална политика.

Потсети дека по 1.400 предмети по жалбена постапка за остварување на правото на социјална парична помош не е решавано од февруари до 15-ти ноември 2015 година, а тие се една четвртина  од семејствата кои изгубиле право на социјална парична помош.

„Претходниот министер за труд и социјална политика спротивно на неговата законска обврска не донел решенија по жалби за 1.400 семејства кои го изгубиле правото на социјална парична помош. Претходниот министер, одлучувањето по овие жалби несовесно, знаејќи дека го крши законот, го пренел на службеник на пробна работа во министерството, кој нема право да одлучува и решава по барање на граѓаните во управна постапка“, рече Ташевска-Ременски.

Со цел овие состојби да бидат констатирани од надлежен инспекциски орган, министеата на 18-ти ноември поднела барање за постапување до Државниот управен инспекторат и очекува тој да постапи експедитивно.

OhridNews
Извор:„Макфакс“