Без победник 19-19 (9-11) заврши “езерската“ пресметка која се одигра во тензична атмосфера. Охриѓани со голот од пенал на Ристе Томовски во последните секунди од средбата стигнаа до реми против лидерот на табелата во Првата машка ракометна лига, Струга.


Двете екипи натпреварот од 18-та рунда го започнаа во грч. По осум минути на семафорот стоеше резултатот 1-1. Тогаш двата ракометни состави ги отворија картите и во нападот играа колку што ќе дозволеше одбраната.

Среќата им го сврте грбот на охриѓани во првиот дел, кога седум нивни удари место во мрежата завршуваа во конструкцијата од голот.

Откако се смири играта гостите во 22-та минута го презедоа водството, кое го одржуваа до крајот на првиот дел.

Советите на полувремето од охридскиот стратег Горан Андоновски вродија со плод и на теренот излезе сосема друга екипа. Со брзи голови ракометарите ги крунисаа одбраните на Китевски и го свртеа резултатот.

Но, место да го дотолчат противникот “белите“ влегоа во серија грешки и неизвесна завршница.

Во последната минута лидерот на табелата влезе со позитива од еден погодок (18-19), а нападот им припадна на Охрид, кои погрешија, но така возвратија и струшките ракометари.

Завршниот напад го имаа охриѓани, кои ја искористија пукнатината во одбраната по исклучувањето на Крстески. Томоски го проигра Трифуноски, кој погоди но претходно судиите Николов и Начевски покажаа на седумте метри. Сигурен реализатор беше Томоски, кој донесе бод за охридската екипа.

По последниот свиреж на судијата настана мешаница на теренот и непотребно остави дамка на прекрасното “езерско“ дерби.

Мх.П.