Без победник 1-1 заврши дербито на дното во Охрид, резултат кој ги втурна “рибарите“ на дното на табелата.
Охрид нема победа на домашен од ноември кога минимално со 1-0 го совлада Тетекс. Во последните седум меча на својот стадион “рибарите“ претпреа четири порази и одиграа само три ремија. Турново кој беше елиминиран во полуфиналето од македонскиот куп во последните четири меча во лигата не знае за пораз. Ремизираше со Металург и Вардар, го совлада Напредок со 2-1 и од Охрид си замина со огромен бод.
Мирно се играше во воведната фаза од мечот, во кој не се случи нешто посериозно. Една полушанса имаа охриѓани и тоа преку Клечкароски, кој од голема далечина се закана, но не ја погоди целта. Гостите со активен пресинг успеава да ја контролираат играта.
Сепак и во таквата игра охриѓани стигнаа до предност. Ѓуровиќ нафрли во казнетиот простор, најснаодлив беше Далчески кој од непосредна близина го матираше Димовски.
До финишот на првиот дел, охриѓани успеаваа да ја контролираат играта не дозволувајќи му не “црвените“ да организираат нешто посериозно. Десет минути игра во вториот дел го видовме најубавиот момент на мечот. По ударот од аголот на Мојсов, охридската одбрана кратко ја одби топката во поле неа од прва ја зафати Божинов, упати вистински проектил кој заврши под гредата на Бубоња.
По тој гол се разгоре вистинска борба на теренот. Желбата за победа беше присутна кај двете екипи, но заморот си ги правеше своето и недостигаа завршните додавања кај обата тима. Ударите од далечина беа оружјето со кое се обидуваа гостите да стигнат до втор гол, но тие или завршуваа покрај голот или Бубоња ги скротуваше.
Најубавата прилика за охриѓани ја имаше најдобриот на теренот Ѓуровиќ, кој по дијагоналата на Каланоски, во казнетиот простор ја прими топката биеше со лева но неговиот удар го изблокираше потесната одбрана од голманскиот простор. Во финишот на мечот охриѓани се обидоа да стигнат до победнички погодок но не успеаа уште еднаш да го пронајдат патот до противничката мрежа.
По последниот судиски свиреж домашната навивачка група “рибари“ повторно го искажаа своето незадоволство од состојбите во клубот и лошата позиција на табелата кој во моментов значи преселба во понизок ранг.
М.П.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com