Тетовска Ренова, по втор пат во овој месец мирот за што подобри подготовки го побара покрај Охридското крајбрежје, од каде ’гипсарите“ гледаат кон фудбалска Европа.Тетовци првата фаза ја одработија во Охрид, а во седмицата која престои преку одигрување на пријателски мечеви ќе ја темпираат формата за продолжението на шампионатот.
– За време на нашиот втор престој во Охрид во план сме да одиграме 4-5 средби и тоа со екипите на Напредок, Гостивар, Пелистер и Пролетер, нормално доколку условите тоа и го дозволат – рече тренерот на Ренова, Костов по одиграниот меч со Охрид 2004 кој го загубија со 2-1.
Откако си обезбедија мирна пролет со пласманот во средината на табелата, Ренова шансата за излез во Европа ќе ја бара преку националниот куп. Но и таму нема да биде лесно бидејќи противник во полуфиналето е актуелниот лидер Вардар. Ренова е една од ретките тимови кои сезонава успеа да го задржи скопскиот тим, на двата меча и во Скопје и во Тетово беше 0-0.
– Наше единствена шанса е купот, имавме тешка ждрепка го добивме лидерот Вардар, кој сигурно е и најквалитетната екипа во домашното првенство. Меѓутоа Ренова ќе направи се да се пласира во финалето и преку Купот да бараме излез во Европа – истакна Костов.
Играчки физиономијата на тетовскиот тим не претрпе големи измени, а во клубот се доведени како засилувања напаѓачот Сашко Пандев и голманот Суат Зендели кој лани го бранеше голот на актуелниот првак Шкендија.
М.П.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com