Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и градоначалникот Никола Бакрачески денес ги посетија реновираниот Центар за социјални работи и просториите во рамки на основното училиште „ Братство и единство“ каде во иднина, покрај Центарот „ Зраци“  ќе функционираат  и Дневен центар за деца со пречки во развојот и Дневен центар за деца со аутизам.

Како што истакна министерот Спасов, охридскиот Центар за социјални работи е меѓу 18-те центри во земјава кои целосно се реновираат во рамки на третата фаза од проектот за реновирање на центрите низ земјата.

Станува збор за инвестиција од околу 5.300.000 денари, средства обезбедени од Светска банка. Ова е единаесеттиот Центар за социјални работи кој што е целосно реновиран и опремен со сосема нова опрема со што во голема мера се подобруваат условите за работа на стручните служби и условите за прием на барањата на граѓаните и за остварување на нивните права од детска и социјална заштита. Продолжуваме со проектот за целосно реновирање и обновување на центрите во Македонија. Средствата за првата и втората фаза ги обезбедивме од Светска банка во висина од 50 милиони денари, а за третата  фаза и реновирање на 30 објекти , од кои 18 центри за социјални работи и 12 дневни центри  за деца со пречки во развојот, средствата во висина од 72 милиони денари се обезбедени од ИПА програмата на ЕУ, рече Спасов.

Министерот Спасов и градоначалникот ги посетија и просториите во основното училиште „ Братство и единство“, каде во тек се градежни работи за реновирање на просториите во кои ќе функционира Дневен центар за деца со пречки во развојот и Центар за деца со аутизам. Реновиран ќе биде и дел од  Дневниот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Зраци“ кој веќе неколку години работи во истиот објект.

Станува збор за проект, заедничка инвестиција на министерството за труд и социјална политика и општина Охрид. Просториите ќе бидат целосно опремени со потребните средства за работа, а ќе биде обзебден и кадар, шест лица од кои три ќе бидат финансирани од страна на министерството, а три од страна на локалната самоуправа.Целосно ќе бидат покриени и трошоците за одржување на центрите. Со овие дополнителни простории создаваме услови за непречено функционирање на центрите  кои ги опфаќаат сите категории на граѓани со пречки во развојот или посебни потреби што е неопходно во градот и за што вреди да се посвети особено внимание, рече градоначалникот Бакрачески.

Градоначалникот потенцира дека локалната самоуправа како и во минатиот период, така и во иднина континуирано ќе работи за создавање на услови за непречено функционирање на овој вид на центри.

Т. К.