За реновирање и реконструкција на основните и средните училишта во Охрид, локалната самоуправа годинава,  планира да потроши околу 690.000 евра.

Во делот на основните училишта според Програмата за образование на Општина Охрид за 2010 година, од планираните 440.000 евра најголемиот дел се наменети за ОУ “Св Наум Охридски” во село Пештани или околу 77.000 евра. Овие пари ќе се искористат за поставување на фискултурна сала-балон, за менување на училишната дограма и реновирање на кровната конструкција на училиштето. За санација на училиштните ходници и промена на дел од дрвенаријата во училиштето “Христо Узунов” ќе бидат потрошени околу 47.000 евра. Околу 30.000 евра се планирани за реконструкција  на кровот  во подрачното училиште во село Косел, а со исто толку средства се планирани за замена на дограмата во ОУ “Климент Охридски”.

Училишната дограма ќе биде променета и во училиштето “Живко Чинго” во село Велгошти, каде заедно со трошоците околу уредување и оградување на училишниот двор ќе бидат потрошени околу 40.000 евра. Во двете згради на ОУ  “Братство” ќе бидат направени повеќе реконструкции, за чија што реализација се планирани околу 35.000 евра. Другите средства кои се наменети за основните училишта ќе бидат искористени за слични инвестиции и во останатите училишта но во помал обем.


  ОУ”Живко Чинго” с. Велгошти                   ОУ “Братство”-Крст Џамија

За реновирање и обновување на охридските средни училишта се предвидени околу 250.000 евра. Најголемиот дел од нив или 155.000 евра ќе се потрошат за реконструкција на подовите, парното греење и молерисувањето на Гимназијата “Св. Климент Охридски”.


   ОУТУ “Ванчо Питошески”                         ОЕМУЦ “Св. Наум Охридски”
Значителен износ на пари ќе бидат потрошени и во Средното угостителско училиште  “Ванчо Питошески” , каде што за израдба на кабинети за практична настава се планирани околу 73.000 евра. Останатите средства од делот за средни училишта ќе се искористат за мали реконтруктивни зафати во ЕМУЦ “Св. Наум Охридски”.

Е.Е.