Во срцето на преспанскиот регион,  во селото Подмочани, е сместена една од најбогатите етнолошки колекции на балканските простори, која изобилува со илјадници вредни експонати кои претставуваат составен дел од целокупното културно наследство и историја во Македонија.

Јоне Ефтимоски, точно 40 години без никаква поддршка од институциите, во својот музеј има сместено ретка и импозантна колекција од скоро 2000 уметнички детали, меѓу кои стотици македонски народни носии од разни региони во земјава, оружје, накит, стари монети и покуќнина.

Денеска ми е јубилеј и ете после 40 години макотрпна работа успеав да ги соберам облеките буквално од цела Македонија. Располагаме со огромен број носии, а оние покарактеристичните од вашиот регион се од крајбрежните охридски села према „Св. Наум“, од Требеништа, градска охридска носија, носија „Ала Турка“ од Охрид и уште многу други кои ги имам во мојата богата колекција.“ – вели Јоне Ефтимоски.

Етнолошкиот музеј, кој веќе 20 години опстојува во ова преспанско село, на љубителите на фолклорот и традицијата им овозможува прекрасно патување низ времето, проткаено преку автентичните соби кои сведочат за историјата на сите етникуми кои живеат на овие простори.

Во етнолошкиот објект, на едниот кат имам селска соба, градска соба, соба за муслиманите во Македонија. Во другиот објект, имаме разбој и некои уметнички детали кои се продаваат. Тука може да се видат делови од покуќнина, потоа оружје, накит, стари монети и направи кои во минатото ги користеле ткајачките, везилките и македонските кујунџии.“ – истакнува Ефтимоски.

Љубовта кон носијата, фолклорот, играта и традиционалната македонска народна песна, претставуваат водилка во животот на Ефтимоски, која го насочува уште од мали нозе да започне со „прибирање“ на македонското културно богатство.

Носијата ја сакам уште од мало дете. Ја љубам песната, а веќе од прво одделение се вљубив во фолклорот. Бев доста жив, направив играорна група, сам бев костимограф и сите пари ги вложив во тоа. Но финансии веќе се нема. Порано помалку се работеше, а се имаше повеќе. Едноставно тоа што го имаме сега, ќе се обидеме да го сочуваме.“ – додава Ефтимоски.

Овој македонски колекционер, вели дека народните носии се она кое ги привлекува странските туристи да дојдат и да се уверат во уникатните рачни изработки. Покрај тоа, Ефитмоски на посетителите им нуди и традиционални македонски јадења, кои ја отсликуваат вкусната домашна трпеза.

Во последните 15 години, музеите како да ги имаме отворено само за странците. Тие се восхитуваат, а посебно се воодушевуваат од изработките кои потекнуваат од западните делови на Македонија. Карактеристично за носиите е тоа што се разликуваат во радиус од 30-тина километри, па така во минатото луѓето преку истите се разликувале. Ако некој бил од Волино, не можел да земе жена од Коњско.“ – додава оЕфтимоски.

Ефитомски појаснува дека во сите овие 40 години, никој претставник од државните надлежни институции не дошол да го посети и да му понуди помош, со која ќе заживее македонското традиционално село.

Минаа 40 години, како да беше вчера. Секој кој ќе дојдеше во мојот музеј, викаше браво така продолжи. Ама со браво не се живее, туку со плата. Многу ми е жал што сите овие години ниту еден човек од Министерството за култура не дошол тука да ме посети и да ми направи чест. Дали ние од селата сме казнети што го имаме ова богатство. Не можеме да опстоиме со три месеци туризам. Премногу направивме за Македонија, а татковината не возвраќа со ништо. Единствено моите соселани се мојот народ. Единствен човек од политичарите кој ја сакаше културата и традицијата е покојниот претседател Борис Трајковски кој ме посети и се понуди да помогне. Другите како дошле, така пошле.“ – појаснува Ефтимоски.

Тој се надева дека туристичките агенции од Македонија и Охрид, во иднина ќе покажат поголем интерес за Етнолошкиот музеј во селото Подмочани, а надлежните ќе помогнат во развитокот на преспанскиот регион.

Едноставно сме поинтересни за странците, отколку за нашите. Соработувам со неколку охридски компании и туристички агенции, од кои сум презадоволен. За сета ова колекција, потребна е истрајност и добро оддржување со многу љубов.“ – завршува Ефтимоски.

O.Т.