Распослано под пазувите на Пирин планина, пред само десетина години Банско изгледаше како и другите  мали места во Бугарија, која заедно со Романија во 2007 година стана членка на ЕУ. Претходно нашиот источен сосед  веќе беше дел од НАТО, што на земјата и овозможи пристап до меѓународните фондови и ги охрабри инвеститорите да вложуваат во недвижнини и изградба на туристички капацитети. Оттогаш наваму Банско доживува вистинска туристичка ренесанса.


Во малото планинско градче се изградија стотици и стотици хотели, индивидуалните куќи станаа пансиони, што обезбеди вработувања не само за локалните жители, туку и за илјадници луѓе од околината, но и од соседните земји. Денес Банско е модерен туристички центар, кој во зима е меѓу најпосетуваните во регионот. Кон него гравитираат туристи од земјата, но и од соседните држави, вклучително и од Македонија. Со модерна жичарница, ски лифтови, снежни топови, комплетна инфраструктура и над 70 километри ски патеки Банско денес е топ дестинација за зимски туризам на Балканот, а потврда на високиот квалитет е и трката  од светскиот куп на ФИС кога во Банско доаѓа светскиот скијачки крем.


Но, како Банско излезе од анонимност и ги валоризира природните потенцијали? Очигледно со паметна стратегија. Наместо згради општината стимулирала изградба на туристички капацитети и инфраструктура. Инвестициите го подигнале на исклучително  високо ниво квалитетот на туристичката понуда, која од неодамна е збогатена со уште еден супер луксузен хотел на групацијата „Bulgari Holidaus“, ресортот „Пирин голф“.

„Пирин голф“ кој се протега на површина од 2000  декари е комплекс од висока категорија со пет ѕвезди, сите добиени исклучиво поради квалитетот кој го нуди. Изграден од дрво во препознатлив стил, хотелот во внатрешноста го краси внимателно дизајниран ентериер, првокласно сместување, најразлична понуда на ресторани, спа центар со пропратни содржини и професионална услуга.


Комплексот има 18 голф терени опремени со GPS системи, голф клуб и голф академија, апартмани, вили кои сеуште се во изградба, шеталиште,  трговски центар со тематски ресторани и брендирани продавници, галерии, вештачки езера… Во овој комплекс се е луксузно, освен  цените, кои се неверојатно пристапни за услугите кои може да се добијат тука.

-Ова е нов атрактивен комплекс со голф терени и клуб кој е дел од светската елита. За луксузот не треба да се зборува, а тој пред почетокот на зимата се нудеше во атрактивни пакети со попусти и до 20 проценти. Со оглед на тоа дека цените не се превисоки и се прифатливи тука престојуваат и граѓани од Македонија, вели Елида Битрак од агенцијата „Елида – турс“ која за оваа зима нуди атрактивни аранжмани за Банско.

Официјалното отворањето на ски сезоната во Банско се случи минатата недела. Иако снегот тогаш беше само во најава на ски терените снежните топови им овозможија задоволство на вљубениците во белиот спорт. За отворањето на сезоната за кое како што бевме информирани локалната заедница издвоила над 200.000 евра присуствуваше дел од светската скијачка елита, меѓу кои и некогашниот ас Марк Џирардели. За скијачите организаторот подготви голем број изнендаувања, а најпријатното, автомобил Ауди А1, заврши во рацете на посетител од Македонија.



Зимската сезона во Банско штотуку почна. Но, гости тука нема само во висока сезона, туку постојано преку целата година. Таква е и понудата, разновидна, за секој џеб, па поради тоа сезоната од година во година во Банско е се подолга. Од приказната за ова мало но големо туристичко место може многу да се научи, затоа што туризмот одамна не е само да се поседува природен потенцијал, туку истиот соодветно да се искористи и понуди на пребирливиот светски пазар, каде импровизациите веќе не минуваат.

Горан Момироски
фото: Емилио