Светски познатата компанија за производство на електроника, мехатроника и софистицирани делови за автомобилската индустрија „Костал“ својата успешна приказна ја започнува во 1912 година како семејна фирма. На почетокот од седумдесеттите години од минатиот век го интернационализира производството отварајќи ја првата фабрика во Мексико, а во 1978 година започнува со производство на електроника за автомобили. Денес компанијата е присутна на 5 континенти во 21 држава, а во Македонија го започна своето производство во 2016 година во индустриската зона Косел во Охрид откако анализираше 5 различни земји во источна Европа во период од речиси 3 години.

Годишно „Костал“ остварува обрт од близу 3 милијарди евра и вработува над 20 000 луѓе. Во фабриката во индустриската зона Косел во халите на некогашен ЕМО – Охрид кои денес се преуредени и модернизирани до непрепознатливост во позитивна смисла, во моментов работат 470 лица. Со новите инвестиции и проширување на производствените капацитети, бројот на вработени во наредните пет години ќе се зголеми повеќе од двојно.

Заклучно со 2018 во фабриката во Охрид се инвестирани 29 милиони евра. До крајот на оваа година ќе бидат инвестирани уште 20 милиони евра, а бројот на вработени ќе се зголеми на петстотини. До 2022 ќе се инвестираат дополнителни четириесеттина милиони евра. Во 2025 година во фабриката во Охрид бројот на вработени ќе изнесува 1150, а извозот треба да достигне 300 милиони евра на годишно ниво, изјави Виктор Мизо, генерален директор на „Костал Македонија“.

Во моментов „Костал Македонија“ произведуваат делови за пет светски познати автомобилски компании: „BMW“, „Daimler“, „Porsche“, „Rolls Royce“ и „Tesla“, а од октомври оваа година ќе започне производството на компоненти и за „Аudi“, „Volkswagen“, „Seat“ и „Skoda“. Во светот расте производството и побарувачката за електрични автомобили, а тој тренд го следи и фабриката на „Костал“ во Охрид каде покрај софистицирани менувачи, прекинувачи и електронски контролори, се произведуваат и таканаречени онборд чарџери – брзи полначи за погон на струја. Целта на „Костал“ како што информираат од компанијата, е дел од компонентите – како металните, така и електрични и електронски делови кои се користат во онборд чарџерите да се купуваат од добавувачи во Македонија, а по можност и во Охрид.

Оваа технологија која користи висока волтажа (600-1000 волти) се користи за електричните возила. „Костал“ како еден од светските лидерите за овој вид на производи планира за време на „животниот век“ на овој автомобилски дел да инвестира дополнителни средства за технологија и опрема за производство на онборд чарџери, посочуваат од компанијата.

„Костал“ сериозно ја раздвижи националната и локалната економија. Просечната бруто плата по вработен изнесува 825 евра. Интересен е фактот што 42% од вработените во „Костал – Македонија“ се со високо образование, а компанијата вложува сериозни ресурси во привлекување на младите кадри, како и во нивно образование и усовршување. Огласите за вработување се постојано отворени.

Минатата година 13, а оваа 14 млади имаа можност да обавуваат деветнеделна летна пракса во „Костал“ со платени трошоци за сместување на лицата кои не се од Охрид и регионот. Активно партиципираме во процесот на дуално образование заедно со Германската комора во Македонија, а на најдобрите студенти во 4-та година на техничките факултети им нудиме стипендии со можност за вработување по завршувањето на студиите. Целта ни е да ја поттикнеме мобилноста на работната сила во земјата, да создадеме алтернатива за луѓето не само од Охрид туку и од другите градови, а не се да гравитира кон Скопје. Сакаме да ја привлечеме работната сила во Охрид, но со понуда за квалитетен живот, истакнуваат од „Костал“.

На глобално ниво „Костал“ во изминатата деценија, односно во годините после економската криза, бележи исклучителен раст. Во 2008 година обртот во светски рамки на автомобилскиот дел на „Костал“ изнесувал нешто над една милијарда евра, а во 2018 година тој е двојно поголем 2,29 милијарди евра. Двојно е зголемен и бројот на вработени во компанијата, додека растот на инвестициите е зголемен тројно. Во моментов во индустриската зона во Косел „Костал“ под покрив има над 20.000 метри квадратни работна површина и ја реализира втората фаза од браунфилд инвестицијата вредна 40 милиони евра.

Плановите на компанијата се зголемување како на производствените капацитети и вработените, така и на производството. „Костал“ очекува државата да го следи развојот на компаниите и да создава услови во кои тие ќе ја зголемат својата продуктивност и конкурентност, како што се на пример усогласување на царините со оние во ЕУ, кои за миксот на производи на „Костал“ во моментов се 4,5 пати повисоки отколку тие во Европската унија, подобрување на инфраструктурата и др.

„Костал – Македонија“ освен исклучителната економска важност има големо влијание на развојот на локалната заедница, како несебичен поддржувач на културно-забавни и спортски настани, но и на акции за подигнување на еколошката свест. Компанијата е дел од најзначајните збиднувања во градот и вистински пример за општествена одговорност.

OhridNews