Оваа туристичка сезона не е обична. Напротив многу е необична. Што поради актуелната здравствена ситуација и вирусот Ковид 19, што поради затворените граници и речиси целосно променетата структура на гостите. Ова лето на Охридската ривиера, која патем кажано викендов е целосно исполнета, ги нема странците од добро познатите причини, но затоа Македонија е во Охрид.

И подобро што ги нема странците за да не го гледаат овој срам вели жител на стариот дел на Охрид кој живее веднаш до црквата Св. Софија, извориштето на православната традиција. Тука навечер се собираат млади кои седат таму до раните утрински часови не почитувајќи ама буквално ништо, се жали тој. Не се сите гости такви, имаме одлични туристи но овие испади ја нарушуваат сликата и за Охрид и за посетителите, додава овој охриѓанец.

Гласно разговараат викаат, тука јадат и пијат и го оставаат ѓубрето зад себе. Просторот околу најзначајниот сакрален објект не само во Охрид туку и пошироко е претворен во јавен тоалет. Без нималку почит се уништува ова свето место. – вели резигнирано нашиот соговорник.

Жителите од Стар град велат дека нема вечер, а да  не ја аларимираат полицијата за проблемот.

За волја на вистината полицијата се одзвива и реагира веднаш на повиците. Полицајците ќе дојдат, младите ќе се разотидат, но штом таа замине се враќаат и тие. И така секоја ноќ. – раскажуваат жители на стариот град.

Грдата слика кај катедралната црква Св. Софија ги мобилизира младите од Охрид обединети во Културолошката иницијатива „5до12“, кои денеска спроведоа акција за чистење на просторот. Ангажирани беа и работниците на јавното комунално претпријатие кои го потоа го подигнаа отпадот.

Иако знаевме што не очекува оваа сезона како да не се подготвивме. Особено тоа важи за институциите и службите задолжени за одржување на редот и мирот, вели друг охриѓанец.

Во шпицот на сезоната мора да има поголемо присуство на полиција, комунални редари, дежурни служби. Едноставно сите служби и одговорни лица и институции треба да се мобилизираат за да се одржува високо ниво на безбедност, но не е само тоа. Дефекти на водоводна мрежа, електрични инсталации, други инфраструктурни проблеми. Мора веднаш да се реагира. – истакнува тој.

Службите за безбедност во градот се максимално ангажирани и оптоварени до крајни граници. OhridNews разговараше со началникот на СВР Охрид Сашо Смилески. Тој вели дека сите расположливи службеници од сите позиции во службата се на терен. Дополнително ангажирани се и педесеттина полицајци од Кичево и другите реони кои ги покрива СВР Охрид.

Сите расположливи сили се распоредени на терен од плажи до старото градско јадро. Правиме напори да стигнеме секаде каде што е потребно, но Охрид во моментов е преполн со гости што ја отежнува работата на сите. – вели Смилески.

Во текот на јуни и јули 2020 година, во областа на јавниот ред и мир, во Охрид регистрирани се 34 прекршоци (јуни-24, јули-10) во кои, против 32 сторители, се поднесени 28 соодветни пријави. Во областа на сообраќајот, во текот на јуни и јули 2020 година, во Охрид, регистрирани се вкупно 66 сообраќајни незгоди (јуни-30, јули-36) во кои, 41 лице (јуни-17, јули-24), се здобиле со лесни телесни повреди а 15 со тешки телесни повреди (јуни-07, јули-08). Притоа, значајно е што во двата месеца, нема сообраќајни незгоди со жртви, информира СВР Охрид.

Во текот на престојниот празничен викенд, СВР Охрид најави дека ќе бидат преземени интензивни превентивни и други мерки со цел, зачувување на стабилната безбедносна состојба на подрачјето.

Полициски службеници од СВР Охрид но и од други полициски станици кои, деновиве се на испомош во Охрид, ќе вршат засилени патролни служби во централното градско подрачје, во периферните делови, по плажите и на паркинг просторите со цел, спречување на кражби на вредни предмети по крајбрежието или од паркирани автомобили. Контроли (самостојни но и во соработка со пазарната инспекција) ќе се вршат и во угостителските објекти а целта е доследна примена на безбедносно-хигиенските мерки за заштита од Ковид 19 но и почитување на одредбите од Законот за угостителство и другите законски одредби. Во сообраќајот, ќе има физичко присуство на полициски службеници кои ќе го регулираат сообраќајот и ќе преземаат мерки за поголема сообраќајна безбедност. Апелираме, граѓаните доследно да ги почитуваат безбедносно-хигиенските мерки, поставената сообраќајна сигнализација но и да придонесат за стабилна состојба во областа на јавниот ред и мир. – се вели во соопштението на СВР Охрид.

Оваа туристичка сезона иако не е репер поради актуелните случувања во светот, ја потврдува тезата на туристичките експерти дека на Охрид не му треба масовен туризам. Ниту има капацитет за тоа, ниту му личи. Тие посочуваат дека времето до нормализирање на состојбите на светскиот туристички пазар Охрид мора да ги искористи и сериозно да ги реорганизира своите капацитети и потенцијали во насока на привлекување на квалитетни гости, во број кој инфраструктурата и капацитетите на градот реално можат не само да ги издржат, туку и да ги опслужат квалитетно и професионално.

Г.М.