Скита, пишува и чита: Веле Митаноски

“Види го Неапол и умри!”, но, откако ќе доживеш твоите охриѓани, кои ја “усовршија!” наполитанската пица, самите да се усовршат и присетат на “Капри – Неапол”, на Атина и Дики Бојаџи.

(Во три продолженија, објавивме патеписни белешки на новинарот, публицист и општественик, Веле Митаноски. Тој не прошета низ историјата и убавините на Медитеранот: Западна Италија, Азурниот брег и Прованса, во Франција, како и низ светски елитните центри на Балеарските осрови, во Шпанија, Палма и Ибица)

“Ел Мундо”, плус тета Елида, и “мундото” е ваш

(The Italian proverb says: ”See Naples and die”, but I say: See Naples and live; for there seems a great deal worth living for” – Arthur John Strutt).

Вие што сте летувале во Nea Pori, да не ве заведува тоа што Неапол го добил името од оваа грчка јазична конструкција – нов град. Неапол е стар град, најнаселената урбана област во цела Европа, по бројот на населението, веднаш зад Рим и Милано.

Неапол може да се пофали со својот најголем историски градски центар во Европа. Во неговиот Национален археолошки музеј ќе ги најдете највредните и најбројни артефакти на Римската империја.

Охрид, со Неапол може да се споредува само по бројот на црквите (обврзно прошетајте по авенијата Via Toledo, ги има триесетина на километар и купете некое брендирано крпче!), и по пицата Mаргарита. Знаете веќе: ”Италијанците ја измислија – охриѓанi ја усовршија!”.

Шегата настрана, токму Неапол е дом на пицата. Што се однесува до пицата Mаргарита, името го добила, во чест на посетата на кралицата Маргарита од Савоја. Другото го знаете: Некогашното селско јадење за сиромашните, стана светски бренд, најзастапениот прехрамбен артикал. Нормално, ако сте веќе во Неапол, не го прескокнувајте квартот на пицата Маргарита.

Неапол го посетуваат десеттина милиони туристи годишно. Нивната оперска куќа “San Karlo” е најстарата активна во Европа, по престиж рамна на миланска “Скала”.

Не го прескокнувајте паметникот на Данте Алигиери, колку да се потсетите дека и него неополитанците го протерале во Равена, како што охриѓани го протерале Прличета во Дебар!?

Дали се сеќавате на времето на Ангеле Ќосето, Драган Гачо и Виктор Рибар, кога ресторанот “Летница”, беше култна градска меана, кога, лете чекавме ред за да добиеме маса. Милчо Балевски, сакаше да ја именува како “Дарданели на Балканот!”. Да видиш и да те видат!

И додека ние, таквата “Летница” ја потопивме во “Дарданелите!” на криминалната приватизација, наполитанците, својата „Дарданели“ – градска меана, и денеска ја чуваат. Со сиот сјај на историската слава (Gran Caffe Gambrinus). Тука, застанува светот на кафе, од брендовитите – ла ваца: Dolce Gusto, Nespresso, Segafredo i Lavazza Blue. Послугата е облечена како некогаш, во дамните времиња.

Со оваа градска кафана, поврзан е еден куриозитет, или, малку познат феномен на нашите простори. Тука можете да испиете бесплатно кафе од одбрано бразилско зрно, доколку келнерот не ви каже навреме дека секој што ќе стане од масата остава пари – за првиот нареден што ќе седне. Делува привлечно, нели, ама и тој треба да остави за наредниот.

Во Неапол ќе ве пречекаат и други изненадувања.Тука полицијата и крадците направиле некаков дил. Можете да шетате и до најзафрлените места, никој нема да ве чепне. Ситното подземје, односно крадците ве чуваат од ќотек, но тоа не значи дека треба да бидете релаксирани и кога е во прашање вашиот паричник, торба, или ранец. Кажано по нашки – ве чуваат за да ве ограбат!?

Со Неапол не поврзуваат само неколку грди и многу пријатни нешта. Веќе напишав дека наполитанците го протерале Данте, како што охриѓани го направија тоа со Григор Прличев. Данте е роден во Фиренца, од каде е протеран на вечен прогон: „Ако јас заминам во Рим, кој ќе остане во Фиренца; а ако јас останам, тогаш кој ќе оди?“. Покрај на други места, живеел и во Рим, за вечниот мир да го најде во Равена.

Е, Данте, Данте, и во мојот Охрид не ги трпат натпросечните. Се што и малку вредеше замина! Неговото “достоинство” денеска се неколкумина апаши. Чикаго, од најцрните мафијашки денови, на Балканите! Дури и најголемите тамошни мафиози имале повеќе акал од нашиве овде. Таму имале се – од полиција до судство и медиуми, ама бегале од политиката и политичарите. Овде се во симбиоза, дури и во двојни изданија.

Овде мафиозите се дел од политиката, без нив нема локална власт, без нив нема градски совет – макар и кој да го составува! Ним не им може ништо и централната власт – “и по цена да се растури локалната коалиција!” (Заев)! Убаво си кажа ти Данте: И патот до пеколот е поплочен со најдобри намери!?

Кога охриѓани ќе кажат риба – мислат на пастрмка. Кога Италијаните ќе речат поезија –мислат на Данте. Да се биде во Неапол, а да не се појде до Плоштадот на Данте, би било грев.

Второто, по што сме слични, се мувите. Верувале, или не, со Неапол, покрај џепчиите и ситната мафија, господарат мувите! Толку се бројни и нападни, што навистина не најдов одговор – зошто нашле прибежиште во еден од најубавите градови? Ако не најдов одговор, тогаш најадов споредба со нашиот Охрид. Со таа разлика, што Охрид, барем во најстрогиот центар е чист.

Ние балканците, помалку ние, а повеќе Србите, Неапол ќе го паметиме и поради фактот што тука беше сместена командата на Шестата флота, од каде произлегуваа наредбите за лансирање на крстосувачките рактети – томахавките, чиј неследен пат завршуваше во Белград – врз мостовите на Дунав, зградата на Генералштабот на војската, а еднаш и врз зградата на РТС, кога загинаа дваесеттина наши колеги.

Македонија, како што е познато, со својата територија, со своите патишта, се стави на страната на НАТО силите, додека примирјето, односно договорот за прекин на воените судири, помеѓу српската и војската на косовските Албанци, се постигна во Куманово.

“ВИДИ ГО НАПОЛИ И УМРИ”, НО, ОТКАКО ЌЕ МУ СЕ ОДДОЛЖИШ НА ДИКИ БОЈАЏИ!?

Каде сте охриѓани, да му се оддолжиме на Дики Бојаџи?
Да не заборавиме: Во близина на Неапол е Капри, за да не ги заборавиме нашите охридски и македонски пливачки асови, на патеката “Капри-Неапол”.

Нашата Атина Бојаџи, во 1962 година со испливување на патеката “Капри-Неапол”, стана светски првак на солени води. Нашиот Димитар Дики Бојаџи, од организаторот на маратонот “Капри – Неапол”, во 1960 добив сребрен пехар, а во 1961, 1964 и во 1967 година му беа доделувани сребрени плакети.

Димитар – Дики Бојаџи, е првиот европски шампион во маратонско пливање и оваа титула ја освојуваше три пати. Неговиот успех досега е ненадминато достигнување во историјата на македонскиот спорт. Долг е списокот на пливачки а подоцна и на маратонски натпревари во земјата и во светот на кои учествувал: две ексклузивни победи, по три втори и трети места во конкуренција од триесет асови.

Признат од туѓите, а со неправди нанесени од своите, преку негрижата на општеството и спортските форуми. Ова е животна приказна за ас од светска класа, пливачка југословенска и македонска легенда, корифеј – првак ,„ѕвезда” на македонското маратонско пливање, кој во најдобро светло ги презентирал родниот град Охрид, Охридското Езеро, пливачкиот маратон и Република Македонија како држава.

Ајде, каде сте охриѓани, да ги потсетиме оние кои одлучуваа и седат во Одборот за доделување на Свети климентовата награда, да го потсетиме градскиот татко, спортските асоцијации, за неправдата кон овој пливачки ас. Ја рашетуваше по светот славата на Охрид, со шеесетгодишната спортска активност, со постигнатите резултати на светските маратони, го афирмираше градот Охрид, Охридското Езеро, Охридскиот маратон и Република Македонија, а се’ уште не ја добил наградата за животно дело, обилно заслужена.

Да се разбудиме сите, додека не е доцна, додека е жив великанот! За да се оддолжиме и да ги охрабриме, оние што итаат по патот на Атина и Дики.

Да ве потсетам на текстот на познатото италијанско дневно гласило „Ла Република“ со наслов: „Kапри – Наполи зборува македонски – победи Поп Ацев“, за нашите пливачи маратонци, Евгениј Поп Ацев и Томи Стефановски.

Џенова и златото на светот: “Во Америка се раѓа, во Шпанија умира, во Ѓенова го погребуваат!”

Од Неапол, преку Ливорно – пристаништен град на западниот брег на Тоскана (рај за сладовкусците и бонвиваните), патот не водеше до Џенова, едно од најголемите поморски пристаништа на Медитеранот, од каде, покрај од Аскона, кон Австралија и Америка, отпловија милиони Македонци од денешна и етничка Македонија.

Џенова на светот му се препорачува со мислата на Франческо Петрарка (средина на 14 век), во варијанта на англиски јазик: “You will see a regal town, placed against a hill, proud its men and wolls whose features make it the lady of the sea”.

Со своите раскошни палати, плоштади и катедрали, Џенова е навистина кралски град. Од тука во светот заминувале милиони и милиони луге, мегу нив и нашинци, но тука се враќале милионите и милијардите во банкноти и особено злато.

Овде тоа го илустрираат низ мислата за златото на светот: “Во Америка се раѓа, во Шпанија умира, во Џенова го погребуваат!”.

Зградата, поточно палатата на “погребението!”, се наога веднаш до пристаништето, украсено со стара дрвена галија, како потсетник на минатото, сегашноста, веројатно и иднината на кралската Џенова. Авионите и брзите пруги, навистина го скратија времето на патувањето. Веќе е реализиран сонот од Њујорк до Сиденј да се патува без застанување, но и натаму, поморскиот патнички транспорт на луге – од континент на континент, има иднина. Џенова сите карти ги фрла на туризмот, на крузерството, односно поморските крстарења.

Со право, тоа е најновиот тренд во туризмот, веројатно, најголемата индустрија во светот, за најбрз пораст. Италијанците доминираат, барем на Медитеранот, со компаниите Коста и МСЦ, но, на чекор им се Французите, Британците, Американците….

Британците, во Саутемптон, градот од каде тргна “непотопливиот “Титаник”, го изградија прекуокеанскиот гигант, „Queen Mary 2”, кој, за разлика од другите, покрај моќни дизел мотори, користи и дополнителни гасни турбини.

А, бре, Македонче – каде се, нема да те најдам!?

Преку “Ел Мундо”, од Скопје, и “Елида Турс”, од Охрид, ја имав приликата да пловам со крузерот “Фантазија”. Самото име говори се, а му го дала убавицата по која копнеевме и ги полневме кино салите – Софија Лорен. Прима околу 5 илјади гости и уште 1.000 послуга и посада.

Мал пловечки град: Луксуз, забава, услови за одмор – на сите страни. Во моментов најголемо пловечко средство на Медитеранот, со сопственици од Европа. Инаку, во светското крузерство, суверено владее „Royal Caribbean International”.

Цената на прв поглед не е незамарлива, но за тие пари, надвор од тој “град”, не возможно е да запознаете толку градови, а истовремено, да патувате со чувство дека сте во хотел од висока категорија, со базени, казино, театар на неколку нивоа со илјада удобни фотељи, кино сали, аква парк, игралишта, џогинг патека од близу илјада метри, околу целата дожина и широчина на бродот. Кујната, ресторанските услови, ноќната забава се посебна приказна.

Ако за светот се вели дека е глобално село, тогаш крузерите се свет во мало. Сите нации, сите раси, сите јазици – на едно место. Македонците – исто така. Кај и да ги посееше, ќе никнат. Како пирејот, што би рекол драгиот Петре М.Андреевски.

Скопјанецот Васко Јовановски, од населбата “Железара”, веќе 6 години е надвор од земјата, живее на океаните и морињата, 4 години е на “Фантазија”. Ни го претставува како пловило од средната генерација и средна големина, но доволно модерен и простран, да крстари по Медитеранот, Карибите, до Аргентина и Бразил.

На прашањето – што значи тоа средна големина? одговара дека проектантите работаат на бродови за 10.000 патници. Тоа ќе биде, вели, иднината на туризмот. Иднината, пак, како веќе да дошла. Од финското бродоградилиште Турк, само што не отпловил новоизградениот гигант Costa Smeralda, на компанијата Коста, кој веќе наредниов месец ќе ги прими првите патници во Савона, на крстарење по Медитеранот.

Светот ќе го види првиот брод кој наместо дизел, ќе користи чисто фосилно гориво – течен природен гас (LNG), иновација во заштитата на природната средина. Што тоа значи за екологијата, само еден податок Досегашните дизелаши, оние најголемите, трошат над 10 тони гориво за еден час пловидба!

Неколку податоци за љубителите на бројките и занимливостите: Неговата тежина е 180.000 тони, со димензии – 337 метри должина и 42 широчина, со 1.650 членови посада (колку за споредба на „Oasis of the Seas” посадата брои 2.200 души!) и со “само” 2.600 кабини (оние балконските се пространи хотелски соби), во кои ќе патуваат и уживаат “само” 6.600 патници.

Нашиот поморски пријател Васко, претходно работел во бутик на “Зара” во Скопје. Не го прашуваме за заработувачката и условите, не е тоа, нели, манифестација на воспитаност, но Васко сам ја разрешува дилемата: Најмалку 10 пати поголема заработувачка, 5 месеци на бродот – 2 месеци дома, 6 часовно работно време, платен пат за до дома и назад, уште и џепарлак за попатни трошоци. Е,па, каде го има тоа? Чиста фантазија!

Се разбира на “Фантазија”. Тука се исполнуваат сите желби и мечти, само тука можете да проќаскате со оперскиот тенор, писател и музички продуцент Андреја Бочели (Andrea Bocelli), соработник на МСЦ компанијата – сопственик на бродот. Заеднички го споиле убавото и корисното: Тој води хуманитарна организација и му требаат пари, а на “Фантазија”, и требаат славни, кои како магнет ќе ги привлекуваат туристите. Како кумата Софија Лорен – за да тргне бродот и Бочели за да биде одржлив и исплатлив. Васко ни дава дополнителен податок: “Фантазија“, со самото поаѓање инкасира околу 2 милиони евра, само од уплатените аранжмани. И скоро уште толку, за време на патувањето.

(Крај)