Од аспект на превентивата, заштитата и лекувањето на населението во јавното здравство, Охрид, без сомнение, е еден од трите најголеми центри во земјата. Само во “Општата болница”, ангажирани се над 500 вработени, со сосема доволен број стручен медицински кадар. А тука е и Специјалната болница за ортопедија и трауматологија “Свети Еразмо”, со работен капацитет oд 237 болнички кревети и над 250 вработени, како и Кардиолошкиот центар, кој, порано, опслужуваше пацинети на пост – оперативна рехабилитација, а последниве години, има силен напредок во инванзивната медицина.

Општата болница, всушност, е регионален здравствен центар, кој опслужува пациенти во еден широк регион, практично од Битола до Маврови Анови, вели д-р Горан Балески, нејзин раководител.

Особен товар, напоменува д-р Балески, се наметна со актуелната ковид – здравствена криза кога, практично, за медицинскиот кадар нема одмор, нема посебни одделенија, туку сите се една подготвена екипа во приправност, во која се прераспоредуваат стручните лица од сите одделенија. Ротацијата е основен принцип, додека еден завршен специјализант, како припомош, испратен е на Инфективната клиника во Скопје.

Директорот на Општата болница во Охрид, не крие дека е тој “дете на медицината”, дека таа му е во вените и гените. Обајцата родители (д-р Благунче и д-р Круме Балески), беа лекари, специјалисти – интернисти. Неговиот брат, познат кардиолот, д-р Игор Балески, којшто долги години живее и работи во Словенија, во Универзитетската болница во Марибор со огромно искуство во третман на пациентите на интензивна нега. Тој самоиницијативно, својот годишен двонеделен одмор, продуктивно, го искористи во Скопје во работа на Инфективната клиника, токму во најпотребниот момент.

На тој начин, д-р Балески постариот, го разбира својот долг кон татковината, кон професијата, кон семејната традиција, кон цврстото семејно хуманистичко стебло.

Не кријам дека и ние лекарите сме, на некој начин, пациенти. Не кријам дека и мене ми е потребно средство за смирување, па и за заспивање. Тоа е данокот на професијата, кој мора да биде однапред пресметан кај секој здравствен работник кој сака да им се посвети целосно на пациентите и на нивното здравје, искрен е д-р Балески.

Лекуваат од повредени во сообраќајки, до потешки Ковид-случаи. 

Вообичаено се вели дека “се кине онаму каде е најтенко”. Па, така, токму сред корона – кризата, се случи дефект на апаратот за компјутерска томографија во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија “Свети Еразмо”, единствената таква во Македонија.

Деновиве, за жал, зачестија сообраќајките во Охрид, со жртви и потешко повредени. А кога ќе се случат, се почнува од Општата болница. Најнапред, итната помош, првите прегледи, згрижувањето и проследувањето до Специјалната болница, или, пак, во Скопје.

Медицинскиот персонал од Охрид, особено оние од Инфективното одделение и Центарот за јавно здравство, пред се, епидемиолозите, со ковид – ситуациојата, своето “огнено кртштевање”, го имааше пред останатите во земјата. Како што е познато, Дебар беше првиот град – кризно подрачје.
Заврши Дебар, неговата, несакана улога, ја презеде Струга. Повторно, професиопналците од Охрид беа на првата борбена линија.

Болницата во Охрид добива модул со 40 легла.

За среќа и со големо разбирање на Министерството за здравство и министерот Венко Филипче – лично, ќе можеме, наскоро, да земеме малку воздух. Покрај Охрид, и Струга добива болница – модул, која ќе служи како тријажен центар. Тоа треба значително да не растовари. Што се однесува до нашата болница, ние аплициравме за модул со 40 легла, дополнителен сместувачки капацитет, како тријажен центар. Вкупно, во земјата, ќе се постават 16 такви, додава д-р Балески.

Функцијата на тријажен центар, во моментов, се исполнува во просториите на Геријатриското одделение. За да се ослободат тие, згрижените, главно постари лица, се префрлени во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија. Персоналот на болницата со тоа малку е релаксиран, додека и самите штитеници се задоволни, бидејќи, онаму каде се сега сместени, условите се далеку подобри. Во криза – раката, на рака и помага.

Во подобрувањето на условите за лекување на пациентите, во пресрет на она што не очекува на есен, или, на зима, се вклучи и локалната самоуправа. Градоначалникот на Охрид, и самиот лекар, Константин Георгиески, ги разбира проблемите и потребите во здравството. Зад sиданиот дел на Геријатриското одделение, со средства на општина Охрид, веќе се поставува целокупната потребна подземна инфраструктура. Кога ќе пристигне модулот се ќе биде подготвени да се постави и да се поврзе со вода, канализација, електрично напојување и слично.

Ефектите од туристичката наезда на Охрид, ќе се видат за 7 до 15 дена. 

Како што ни појаснува д-р Балески, во Охрид, во моментов, се згрижени 24 лица од аспект на инфекцијата со Ковид – 19. Од нив половината се на проследување, половината се со потврдена инфекција. Сите се од подрачајата кои ги покрива охридската Општа болница, освен двајца сопружници, кои се дојдени тука како гости – викендаши.
Дел се на кислородна поддршка, додека заболените на кои им е неопходна поддршка од вентилаторна машина се испраќаат во Скопје на Инфективната клиника и болницата “ Осми септември”.

Засега, можам да кажам дека се носиме добро. Но, што ќе се случи после инкубацискиот период од 7 – 15 дена, по продолжениот илинденски викенд, е, тоа никој не може да го предивиди. Наше е да се подготвиме за сите ситуации, категоричен е д-р Балески.

Веле Митаноски