Обичајот „Иванка“, кој се празнува на Иванден е посебно препознатлив и најкарактеристичен за територијата на Преспа. Оваа уникатна преспанска традиција се запазува и годинава, на празникот Иванден кога локалното население изработува кукли – Иванки.

„Веќе седма година по ред, Домот на културата „Драги Тозија“ е организатор на манифестацијата која не навраќа на нашите корени и национални вредности. Облекувањето на куклата Иванка, секогаш одговарало со начинот на облекување н алокалното население. И годинава пред нашите сограѓани, беа претставени изработените Иванки, како симбол на денешниот празник – Иванден. Голем број деца, потпомогнати од нивните мајки и баби се повеќе се вклучуваат во оваа традиција и постојано расте бројот на учесници. Затоа, ние не ги одделуваме сите учесници и во знак на благодарност, изработувачите на Иванките се симболично наградени со 500 денари“, посочи директорот на Домот на култрата во Ресен, Васко Василевски.

Манифестацијата се одржа напладне на платото пред Ресенскиот Сарај, а токму поради големата културна вредност е поддржана од Министерството за култура, во годишната програма.