
-Системот за Пештани е целосно во функција, Болничкиот комплекс е завршен комплетно, на улицата “Сирма Војвода“ и делот под самата населба “Гоце Делчев“ исто така, во Велгошти проектот е реализиран 95%, во Подмоље канализацијата е пуштена во употреба, додека во Лескоец се уште се работи во делови од селото. За селото Лакочереј отпочната е постапката за реализирање на проектот, а една фаза е веќе завршена– изјави Зоран Шикалоски, раководител на Одделението за комунален развој и патишта.
Како што посочи Шикалоски, во делови од селата Лескоец и Лакочереј веќе се доградува канализациониот систем, со тоа што во Лескоец левиот дел од регионалниот пат и “Скребатска мала“ се комплетно ставени во функција. Делот кај Основното училиште и старо Лескоец веќе има изградено мрежа и во наредниот период ќе следи приклучивање на главната канализациона линија. На ова подрачје остануваат уште левата и десна страна на главниот пат од почетокот на Лескоец.
Изградбата на канализациони мрежи кои се приклучени на колекторот, е од исклучително значење, особено што со тоа се решава деценискиот проблем со фекалните води кои претходно се влеваа во септички јами.












