Поранешниот директор на ОУ „Страшо Пинџур “ во Вевчани, Жарко Лешоски, кој пред истекот на мандаттот бил разрешен од функцијата со одлука на локлната самоуправа, ги обвини институциите на државата дека не ги почитуваат законите и одбиваат ја спроведат одлуката на Управниот суд, кој уште пред шест месеци ја прифатил неговата жалба и наложил тој да биде вратен на работното место.

-Во решението на Управниот суд децидно пишуваше дека се поништува решението на градоначалникот со кое јас бев рзрешен од функцијата директор од ОУ „Страшо Пинџур“ во Вевчани. Градоначалникот требаше истото да го спроведе бидејќи е правосилно, согласно законот за судови во кој децидно стои дека правосилните решенија се спроведуваат без одлагање или во најкраток можен рок. Меѓутоа наместо решението да биде спроведено добив ново решение. На 14 март бев одјавен од работа од училиштето преку Агенцијата за вработување и добив ново решение на 20.10.2011 година, со кое што градоначалникот ме разрешил од директор, а јас сум невработен, што е апсурд.-изјави Жарко Лешоски.

Разрешениот директор смета дека овој случај е пример дека не се почитува правната држава, посочувајќи дека неговиот предмет Второстепената владина комисија до која тој се жалел го чувала со месеци во фиока, а општината одбива да го спроведе решението на надлежниот суд, поради што тој покренал и кривична постапка.

Од општината Вевчани и натаму остануваат на ставот дека во случајот со разрешениот директор се постапувало законски и дека нема основ тој да биде вратен на функцијата или да биде вклучен во наставниот процес во ОУ Страшо Пинџур, затоа што тој бил именуван функционер, односно немал склучено работен однос во Вевчани, туку во ОУ „Гоце Делчев“ во с.  Јабланица, каде тој треба да бара да биде вратен на работа.

OhridNews