Најавата на надлежните инспекциски служби дека доколку угостителите не се придржуваат кон законските одредби, не го почитуваат работното време, го пречекоруваат нивото на бучавост, или има нарушување на јавниот ред и мир, ќе им биде исклучувана електричната енергија и вода, предизвика лавина реакции во јавноста.

Според угостителите, апсурдно е да се решаваат проблемите со рестриктивни мерки кои немаат никаква законска основа. За нив е несфатливо како може  струја или вода да исклучува комунална, пазарна инспекција, полиција или друг орган, кога тие не се надлежни да го прават тоа. За угостителите е нејасно по koj основ ќе им биде исклучена вода или струја доколку тие редовно си ги подмируваат сметките, посочувајќи дека на тој начин се загрозуваат нивните уставни права.

Најавените санкции ги изненадија и граѓаните кои сметаат дека на предложениот начин проблемите, кои е евидентно дека постојат во оваа сфера, не можат да се решат.

-А што доколку овие „мерки“ не вродат со плод. Ќе им ги одземат контејнерите и кантите за ѓубре? Проблемот може единствено да се реши доколку угостителите се придржуваат до законите, а надлежните ги спроведуваат целосно и неселективно, што не е случај во Охрид, каде постои толеранција кон одредени локални моќници кои ги штитат токму оние кои се задолжени да ги применуват  правилата и прописите – вели граѓанин на Охрид.

На средбата помеѓу претставници на СВР Охрид и надлежните инспекциски служби од една и угостителите од друга страна, што  се одржа деновиве,  беше посочено дека новиот Закон за инспекциски надозр, кој на сила стапи на 1-ви април, предвидува поостри санкции за прекршителите. Согласно овој закон, Општинскиот инспекторат има поголеми надлежности и од сега поплаките од граѓаните ќе се решаваат на општинско ниво, односно од страна на комисија, формирана од градоначалникот, а не како до сега, во министерството за економија. За избегнување на евентуалните инциденти и нарушувања на јавниот ред и мир во текот на туристичката сезона, Општинскиот инспекторат, побара од полицијата нивни вработени постојано да се присутни на локации каде во летниот период има најголема фреквенција на луѓе.

Се менува и работното време на  угостителските објекти, кое сега е регулирарано со закон и во летниот период ќе биде до 1 часот по полноќ, без можност локалната самоуправа да го зголеми за еден час како што тоа беше случај до сега. Угостителите сметат дека ваквата мерка ќе претставува сериозен удар врз нивното работење, што може да предизвика затворање на објектите и отпуштање на работници.