Засега таква одлука не е донесена и покрај најавите од страна на министерот за економија Ваљон Сарачини, кој уште минатата недела најави дека на седница на владата ќе биде донесена одлука за прекин на рестрикцијата на електрична енергија.
Одлуката на владата за прогласување кризна електроенергетска состојба во Македонија стапи на сила на 13- ти овој месец и според првичната најава беше кажано дека таа ќе трае до 29- ти февруари.
Во интервју за радио Слободна Европа, министерот Сарачини, изјави дека енергетскиот систем во земјава е стабилен, но дека актуелните штедења со гасење на уличното осветлување ќе продолжат.
– Сега засега имаме стабилен и ефикасен енергетски систем. Мрежите се оптоварени, но можат да не снабдат со електрична енергија. Првата фаза беше ограничување на уличното осветлување до минималниот степен на сигурност. Овие мерки не беа толку ригорозни, но колку толку придонесоа да ја зачуваме енергетската состојба во моментот во Република Македонија… Според сегашните временски услови, мислам дека ќе бидат доволни за да ја надминеме оваа криза и се надевам дека на една од наредните седници на владата ќе ја укинеме оваа одлука за постоење на енергетска криза – вели Сарачини во неделното интервју за радио Слободна Европа.