Бирото за развој на образованието изготви нов предлог-список на лектири за основното образование (од второ до деветто одделение). Како што потенцираат од министерството за образование, списокот на лектири се освежува и дополнува за да биде во чекор со интересите на учениците, односно да го поттикне и зголеми интересот за книгата кај младите читатели преку зближување на содржините на лектирите со современите трендови и интереси на ученикот.

Исто така, ревидирањето на списокот на лектири се прави со цел да им даде слобода на наставниците во нивната работа и да се збогати изборот на лектири со кој тие би можеле да работат низ годините. Од министерството потенцираат дека овој предлог се доставува на јавен увид и дебата со цел стручните лица во Република Македонија да се произнесат за новиот список за лектири. Наставниците од основните училишта се поканети да се вклучат во јавната дебата и да го искажат своето мислење во однос на списокот за лектири, а предлогот ќе биде доставен за мислење и до универзитетите во Република Македонија, како и до Друштвото на писатели на Македонија.

Списокот е објавен на веб страницата на МОН со покана за коментари и предлози од страна на сите заинтересирани лица. Во моментот се подготвени списоците за лектири за наставата која се одвива на македонски, албански и турски наставен јазик, а во тек е изготвување на списокот за лектири на другите јазици на кои се изучува основното образование.

OhridNews