Од 26ти до 30ти октомври по четврти пат се одржува еден од најголемите фестивали посветен на источна и југоисточна Европа, фестивалот „Источни Соседи“, во Утрехт, Холандија. Селекторот на програмата и уметнички директор на фестивалот, светски реномираната Рада Шешиќ ги селектираше „Мајки” на Милчо Манчевски, „Војната заврши” на Митко Панов и „Шивачките” на Билјана Гарванлиева.

Источни соседи трае 5 дена и претставува огромно органичување во поглед на филмови кои можат да се прикажат како од Македонија, така и од другите земји од регионот. Но, организаторот на фестивалот Александар Велиновски од Јавна Соба очекува одличен прием од страна на холандската публика. Како што самиот изјави: „Kино сaлите не се од индиски формат, но ќе бидат сигурно преполни. Сé уште во глава ми е сликата од 2008 година на прикажувањето на „Сенки“ на Милчо Манчевски кога се седеше и по подот во кино салата. Минатата година имавме иста ситуација со „Тутуноберачка“ на Билјана Гарванлиева.

Фестивалот Источни Соседи  е огледало на моменталните случувања во земјите од регионот изразени преку филм продукција. Програмата предвидува 31 филм од 9 земји кои се соседи на Европската Унија, од кои поголемиот број се холандски примиери. На овој начин локалната публика доаѓа до повеќе сознанија за менталитетот и историјата на овие земји. Источни соседи е фестивал кој има цел да го доближи регионот до Холандската јавност преку претставување на атрибутите од земјите кои сé уште не се членки на ЕУ или пак се соседи на истиот клуб. Секако ќе бидат потребни повеќе изданија на Источни Соседи за да се разбијат стереотипите за југоисточна Европа кои главно се креираа во деведесетите години и сé уште се прифатени како мислење за овој дел од Европа.

Фестивалот нема натпреварувачки карактер. Наградата, како што вели организаторот Велиновски, ја добива секогаш публиката. Во соработка со институции од земјата во фокус се доделува награда за публиката, патување за 2 лица на филмски фестивал во таа земја. Во 2008 беше Македонија, во 2010 беше Хрватска, и оваа година е Турција.

Фестивалот се отвора вечерва со почеток во 19.00 часот со филмот „Не заборавај ме Истанбул”, од 6 режисери кои се успешни на меѓународната сцена под уметничко водство на Хусеин Карабеј. Секој од 15 минутните филмови, 6 вкупно, е инспириран од лично доживување на авторот во Истанбул. Авторите потсетуваат дека Истанбул е град чии записи не се лимитирани со границите на Турција и дека историјата на градот е напишана од жителите на балканските земји и земјите од Блискиот Исток.  „Не заборавај ме Истанбул”  е дел од програмата Турција – земја во фокус на Источни Соседи, програма која покрај стариот хит „Девојчето со црвениот шал”, ќе бидат претставени и филмови од млади автори како „Екуменополис“ на Имре Азем,  „Зефир” на Белма Баш и други. Режисер во фокус оваа година е Реха Ердем. Во овој циклус ќе се прикажат 4 негови филмови.

Ова е втора презентација на македонската кинематографија која се претставува на највисоко ниво во Холандија оваа година. Во склоп на изложбата „Икони од Македонија”, Јавна Соба од Скопје успешно ја реализираше ревијата на македонски филмови во месец март.

OhridNews