Институциите задолжени за заштита на Охридското Езеро сериозно потфрлиле во задачата. Иако во изминатите години се изнаслушавме разни пофалби од институции и поединци за преземените мерки за заштита на најголемото природно Езеро во земјава и неговиот слив, податоците што ги изнесе државниот ревизор се речиси поразителни. Имено, Ревизијата на успешност на ефикасноста на мерките, политиките и проектите за заштита на Охридското Езеро, констатирала состојби кои, како што се наведува во извештајот, имаат влијание на ефикасноста на преземените мерки од страна на надлежните институции за заштита на овој значаен еко систем кој е на листата заштитени подрачја на УНЕСКО. Ревизијата не ги оспорува преземените мерки од страна на надлежните институции, но смета дека се потребни дополнителни мерки за поефикасна заштита на Охридското Езеро.
Kонечeн ревизорски извештај 2014 – 2016 година
Во извештајот се наведува дека е потребно преиспитување на билатералниот договор склучен со Албанија, со кој меѓу другото се регулира и испуштањето на водата од Охридското Езеро во Дрим. Се укажува дека не се донесени програми за управување со води, на недоволна екипираност на секторот за води и одделението за управување со реката Дрим, како и на потребата од поголема вклученост на Хидробиолошкиот завод во заштитата на Охридското Езеро, мерки за подобрување на состојбата со рибниот фонд, но и поголем инспекциска контрола.
Во однос на третманот на отпадните води ревизорот констатирал дека не постои програма за одведување, собирање и пречистување на отпадни води од урбаните средини, не постои катастар на загадувачи, а колекторскиот систем недоволно се санира и реконструира.
Ревизорот утврдил и недоволна искористеност на средствата од европските фондови, но и несоодветен третман на Студенчишко блато кое иако е од исклучителна важност за езерскот еко систем не е заштитено.
За надминување на ваквата состојба Ревизорот предвидува повеќе мерки и препораки, како и подобра меѓусебна комуникација помеѓу надлежните институции, но и поголеми контроли поврзани со заштитата на Охридското Езеро. При издавање на плажите под концесија, изградба на инфраструктурни објекти и урбанизација на крајбрежјето приоритет треба да биде заштитата на Охридското Езеро, укажува ревизорот, според кој, одговорност имаат и посетителите на езерото. Заштитата на Охридското Езеро според ревизијата треба да се врши преку соодветни програми кои ќе се финансираат од буџеите на државата и локалните самоуправи.
-Потребни се поголеми мерки и активности со цел да не се дозволи Охридското Езеро кое е под заштита на УНЕСКО да биде ставено на листата на природно наследство во опасност. Треба да направиме се што е во наша моќ истото да се зачува, како и да не дозволиме трендот на современо живеење да ја загрози неговата состојба. – стои во Ревизијата на успешност на ефикасноста на мерките, политиките и проектите за заштита на Охридското Езеро.
Г. Момироски















