Заменик министерот за образование Петар Атанасов си поднесе оставка од функцијата. Причините за оставката тој ги образложи во отворено писмо до претседателот на Владата Зоран Заев, што го објави на својот Фејсбук профил.

Едноставно, мојата позиција станува неодржлива и неефективна, му пишува Атанасов на Заев, кого го извести дека поднесува оставка и на сите дополнителни функции во рамките на Министерството за образование и во Владата која тој ја предводи.

Во изминатите неполни 10 месеци, со големо задоволство и верба ја прифатив поканата да ја извршувам оваа функција. Влегов во систем кој со години не само што не се менувал, туку и многу назадувал и еродирал. Освен многуте и бескрајни формалности во работата на Министерството, овој период не се случи ништо позначајно. И тоа што навидум се тркала е далеку од потребите на системот и не ги менува севкупните состојби. Промените во образованието кои ги навестувавме, не ги остваруваме. Зошто е ова вака, веројатно Вие најдобро знаете! Пред само една недела во еден јавен настап кажав дека треба да се запали црвеното светло и дека ако продолжиме со ова темпо, може да очекуваме образованието да го реформираме за 10 до 15 години. А можевме многу, многу, подобро. Уште пред парламентарните избори составив тим со кој заедно изградивме одлична програма и план, и силно верувавме во политиките кои требаше да ги реализираме. Се чинеше дека успехот е неизбежен. Ем знаевме, ем можевме, уште само требаше да покажеме дека и умееме. – напиша во оставката  Атанасов.

Атанасов вели дека од самиот почеток не му било дозволено да формира тим за решавање на проблемите во образованието, меѓу кои и за Филмската академија во Охрид.

Првите два месеца заедно со една поголема група изготвивме решение за јазлите во кои беше навлегол Филмскиот институт во Охрид. За жал извештајот и предлог мерките останаа во Кабинетот на министерот. Неколку месеци работев, заедно со неколку креативни луѓе, на дизајнирање на програма за воведување на дигитализација и медиумска писменост во првите нивоа на образование. За жал извештајот и предлог мерките останаа во Вашиот Кабинет. Работев и бев присутен во многу училишта, универзитети, факултети и образовни институции, заради воспоставување на директна комуникација и соработка со наставниците, професорите и вработените во целиот систем на образование. За жал ова искуство и насобраното знаење не можеше да се реализира поради инертноста и спороста на образовните институции. А треба многу работи да се менуваат! – вели Атанасов.

Главните приоритети во образованието треба да бидат подигнување на квалитетот на сите нивоа во образованието, создавање на поквалитетна понуда за целото општество, не само за економијата, како и вложување во креативните потенцијали на наставниците, но, пред се, на учениците. Но за ова, најпрвин, треба да се промени филозофијата на целото образование. Еден закон, или еден проект не може да ги дадат очекуваните резултати. Пристапот мора да биде холистички, за што повеќе пати елаборирав во многубројните јавни настапи и интервјуа, додава Атанасов.

Моја намера и лична желба е да се вратам на академската кариера, затоа што револуцијата што ја покренавме почна да ги јаде сопствените деца. Годинава навршувам 30 години професионална работа и професионални ангажмани во неколку клучни и различни сектори, исполнети со потраги по нови предизвици. За жал, моите очекувања дека преку политичкиот ангажман во изминатите шест години ќе влијаам во насока на реално подобрување на состојбите во општеството, особено во образованието и несебичното вложување за таа цел, не се остварија. Се чини дека иако декларативно сите говорат дека се залагаме да ги задржиме младите во државата, без вистинска реформа и поквалитетно образование, како и можност за поголем просперитет за младите, тоа нема да се случува. –  му напиша Атанасов на премиерот Заев.

OhridNews