Паузата помеѓу есенскиот и пролетниот дел од Првата македонска фудбалска лига започна бурно за клубовите. Првите “револуционерни“ промени се случија во таборот на трикратниот првак на Македонија, Работнички. Досегашниот спонзор на “романтичарите“ Слободан Вујчиќ – “Брацо“ ја прекина соработката со дебармаалците. Познато е дека македонскиот магнат во фудбалот “Брацо“ по втор пат ја презеде под своја надлежност најтрофејната екипа во Македонија, Вардар.


Како што пренесува весникот “Македонски Спорт“ разделбата помеѓу Вујчиќ и директорот на клубот Драган Попоски била коректна , спортска и пред се другарска. – Сите врски со досегашниот спонзор “Брацо“ се прекинати по вчерашната средба. Разделбата со спонзорот ја планирав уште во летниот преоден рок но се случи сега. Тоа го сторив за добро за Работнички, а на мојот драг пријател “Брацо“ уште еднаш јавно му ја искажувам мојата голема благодарност  – рече  Попоски.

Со промената на финансискиот план следуваат и промени во стручниот штаб, екипата.  “Жртви“ на промените се стратегот на “романтичарите“ Зоран Стратев кој не е повеќе тренер на двократниот освојувач на Купот, ни фудбалерите не останаа имуни, бразилецот Вандаир, Секуловски, Синковиќ и Мојсов не се повеќе членови на Работнички. Неизвесна е иднината на голманот Мартин Богатинов во црвениот дрес, откако на негова адреса пристигнаа неколку понуди од екипи од странство, додека управата со Фернандо , Фабио и синот на “Брацо“ Стефан треба да разговара околу останување во клубот.


Новиот стручен штаб кој ќе биде назначен за неколку дена како и директорот на клубот Драган Попоски ги очекува макотрпна работа и многу залагање за да го задржат рејтингот на најдобриот клуб во Македонија за последните десет години.

Михаил Постоловски