Резултатите од реализираниот научен проект за утврдување на староста на Охридското езеро што се спроведе од март до јуни 2013 се очекува да бидат готови до месец мај годинава.

Како што информира директорката на ЈНУ Хидробиолошки завод, Сузана Патчева, во тек се анализите на земените примероци од извршеното дупчење на дното на езерото  во Институтот за геологија и минерологија од Универзитетот во Келн, Германија, и се очекува релевантните резултати да дадат попрецизни одговори за староста на езерото, специјацијата и климатските промени во минатото во регионот на Северен Медитеран.

Проектот започна со повлекување на платформата за дупчење на централната точка која беше лоцирана јужно од полуостровот Лин, на македонска страна, на длабочина од 250 м. Најголемата длабочина беше достигната во централната точка и истата изнесува 568 метри во дното на езерото. Достигањето на оваа длабочина со зацртаната динамика на дупчење ја оправда претпоставката дека езерото е старо неколку милиони години. Опремата која беше користена при дупчењето беше со сите потребни сертификати за квалитет и безбедност. Според добиениот материјал и постигнатите цели, проектот  станува најуспешен проект за длабочинско континентално дупчење во последните 20 години во светски рамки, објаснува Патчева.

Големиот научен проект за утврдување на староста на Охридското езеро, климатските промени и настанувањето на живиот свет во него го спроведоа стручни лица од Институтот за геологија и минерологија од Универзитетот во Келн, Германија, а со поддршка на Хидробиолошкиот завод од Охрид и македонското Министерство за образование и наука.

Т.Кувенџиска