Есенскиот првак во Втората македонска фудбалска лига, Гостивар забележа победа 2-0 над Охрид во  19-та рунда од шампионатот.


Гостите не прикажаа кој знае каква игра, но за триумф против младиот состав на охриѓани искористија една од малкуте шанси на мечот.

Надежите за поволен резултат на охридските бели против водечкиот тим во лигата паднаа во вода, уште во шестата минута. Гостивар преку “шпицот“ Деари Ештреф со погодок во мрежата на Костовски ја казни грешката на потесната одбрана.


Сепак примениот погодок не ги растревожи премногу охридските фудбалери. Во 12-та минута “рибарите“ имаа изгледна прилика за изедначување, но Митрески го направи невозможното, реалност промашувајќи празен гол од две метри.

До крајот на првиот дел од натпреварот, фудбалерите на Гостивар имаа можност да го дуплираат водството, но ударот на Аксентиев заврши во стативата.


Во вторите 45 минути гостиварчани играа мошне организирано и решени беа да ги освојат трите бодови во Охрид. Таквата игра им остави малку просто за игра на охриѓани. За издвојување се ударите на Усеиноски, кој заврши во страничната страна од мрежата и интервенцијата на Зердески по шутот од косо на Китрозоски.

Аспирантот за висок пласман Гостивар трите бода од Охрид кои ги доближуваат до пласман во елитата ги осигура во 75-та минута. Охридската одбрана уште еднаш направи кардинална грешка, а Деари со вториот погодок донесе значајни бодови за гостиварчани.


Гостинскитата екипа од 88-та минута остана со фудбалер помалку откако Лога преоштро стартуваше врз Меди. Главниот арбитар Влахо го забележа тоа и му додели директен црвен картон и предвреме го испрати Лога во соблекувалните.

По 19 одиграни натпревари во Втората македонска фудбалска лига охриѓани остануваат на оние 13 бодови што ги сместуваат во долниот дел од табелата.

Мх.П.