Казан од три тони ќе биде поставен на просторот каде некогаш се наоѓаше градската библиотека. Во него ќе се подготвува рибна чорба која ќе можат да ја вкусат посетителите на манифестацијата посветена на охридските рибари, што традиционално се одржува ден по големиот верски празник Боголавление – Водици, на 20-ти јануари.

Поради се поголемиот интерес на охриѓани и гостите за оваа манифестација, организаторот, Здружението на граѓани „Богојавление“ годинава реши наместо на Сараиште истата да се одржи на градското пристаниште. Таму ќе бидат поставени штандови на кои ќе има греана ракија и вино, како и плашица. Дел бесплатно ќе се дели, а дел ќе се продава по симболични цени со цел секој кој ќе дојде да може да ги вкуси рибните специјалитети.

За Денот на рибарите ќе биде организирана изложба на риболовен алат, ќе има натпревар во фрлање сачма и ќе се демонстрира рибарење со влак. За капачите подготвени се 10 буриња со вино кои ќе бидат фрлени во езерските води.

Во завршна фаза се и подготовките за празникот Водици, кога ќе бидат осветени водите на Охридското Езеро. Пријавувањето на капачите кои ќе скокаат по чесниот крст е во тек, а интерес покрај охриѓани и граѓани од другите македонски градови пројавиле и православни верници од странство, поточно од Украина. Конечната листа ќе биде позната непосредно пред празникот, а организаторот најавува воведување поголем ред во езерските води со цел да се создадат фер услови за сите капачи кои ќе скокаат по крстот.

OhridNews