Рибочуварската служба во Охридското Езеро заплени 1303 мрежи чија вклупна должина изнесува 52 километри. Тие денеска ќе бидат уништени на депонијата Мауцкер.


-Овие мрежи се запленети од луѓе кои не го сакаат езерото и вршат криволов. И покрај тоа што се преземаат мерки за порибување на Охридското Езеро од страна на Министертсвото за земјоделство и Хидробиолошкиот институт со околу 2 милиони парчиња подмладок на пастрмка годишно, најмалку е пожелно овој ендемски вид риба да се уништува на ваков начин, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димоски.


Тој најави дека и во иднина ќе се преземаат сите законски  мерки за заштита на рибниот фонд, за што според него ќе придонесе и давањето под концесија на Охридското Езеро.

-Езерото подолго време беше без концесионер и тоа гледате каде не доведе. Сметам дека стопанот кој ќе биде избран за концесионер на Охридското Езеро соодветно ќе се грижи за рибниот фонд, додаде Димоски.


Во врска со примената на софистицирана опрема за заштита на Охридското Езеро, министерот Димоски најави дека тоа во најголем дел ќе зависи од финансиската моќ на министертвото за земјоделство, кое располага со лимитиран буџет.

-Како и сите министертва, така и нашето е обврзано рационално да ги користи своите средства. И покрај тоа се набавуваат потребните средства за заштита на рибниот фонд, но дел од нив како специјалниот брз глисер кој беше ставен во функција на рибочуварската служба, беше уништен од рибокрадците, затоа што можеше да се справи со нив. Но, ние ќе направиме се во следниот период да го заштитиме езерото, истакна министерот Димоски.

Тој најави дека во процедура се измени на законот за рибарство и аквакултура  со кои се предвидуваат многу поригорозни казни за рибокрадците кои ќе одговараат  согласно кривичниот законик.

На уништување на запленетите мрежи присуствуваше и директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Румен Стаменов, кој најави дека инспекциските служби строго ќе ги контролираат охридските ресторани, се со цел да се прекине синџирot на нелегална трговија со ендемска пастрмка.

Горан Момироски