И во периодот на најстрога забрана за нејзино изловување тие се на терен и ловат и по два килограми тешка пастрмка полна со зрна икра.
Неофицијалните податоци до кои дојде OhridNews се дека во близина на автокампот Градиште, пастрмката се лови и со примена на стариот метод на ловење- со оловни канџи до брегот на езерото каде таа доаѓа да ги исфрла созреаните зрна икра.
Наместо тие да бидат оплодени од страна на машките примероци од овој ендемски вид риба, пастрмките заедно со икрата завршуваат на нечија софра.
– Пастрмката во тек на татиљот кога таа природно се мрести се повлекува од длабината кон обалата каде ја исфрла созреаната икра. Во овој период пастрмката доаѓа до обалата и поради плашицата која ја користи во исхраната, а познато е дека во овој дел од крајбрежејето кај Градиште, неа ја има во голем број, објаснува независниот еколог Лазо Наумоски.
Како што потенцира Наумоски, пастрмката која во исхраната ја користи и плашицата, во времето на мрестот во утробата носи и над 2500 зрна икра.
Во повеќе наврати до сега од страна на стручните лица е потенцирано дека ниската свест и недоволната заштита сериозно го загрозуваат опстанокот на охридската пастрмка. И покрај напорите на Хидробиолошкиот завод со вештачки мрест да го одржи природниот минимум на овој ендемски вид риба тие не даваат резултат, затоа што и покрај забраната за риболов рибокрадците продолжуваат да го пустошат Охридското Езеро.
Вештачкиот мрест кој од страна на Хидробиолошкиот институт се врши секоја година, започна пред една недела. Предвидено е со вештачкиот мрест да се инкубираат околу 3,5 милиони зрна икра од охридска пастрмка од сите мрестилишта заедно, што е природен оптимум.