Откако речиси ги сотреа белвицата и пастрмката, рибокрадците сега се свртеа кон крапот. Капитални примероци крап кој е во сезона на мрестење, секојдневно се убиваат, а во истребувањето покрај конвенционалниот рибоовен алат се користат и подводни пушки.


Според спортските риболовци, кои единствено реагираат на  ваквите состојби, во Охридското Езеро се врши своевиден масакр за што сведочат фотографиите од повредени и убиени примероци крап.

– Овој вид криволов кој претставува кривично дело, е се  поприсутен овие денови на пределот околу и во  трската кај каналот Студенчишта. Овие денови забележени се повеќе капитални примероци крап кои се повредени од несовесни рибокрадци. Од нанесените повреди капиталците  полека умираат . Уште потрагично и поголемо кривично дело е тоа  што овие крапови се полни со икра, и не им е дозволено да се измрестат  и  исфрлат милиони икри, велат од Спортско риболовниот клуб „Св. Апостол Петар“.


Рибокрадците удрија со пушки по крапот

Спортските риболовци апелираат до надлежните институции особено до оние кои се сместени на само неколку метри од местото каде се извршува кривичното дело,  да преземат  итни мерки за да се спречи оваа појава и да се заштити рибниот фонд . Оттаму укажуваат дека во случај кога Охридското Езеро нема концесионер на рибниот фонд, за негова заштита должни се да се грижат институциите на државата. За ова кривично дело предвидена е казна затвор од 1 до 5 години.

OhridNews