Охридските спортски риболовци, вчера достојно ја промовираа богата риболовна традиција на манифестацијата Денот на рибарите.

Преку изложбената поставка „Денес за вчера“, изложени беа стари фотографии од рибари и рибарски фамилии, како и макети од стариот охридски чун. Исто така, присутните се запознаа со риболовниот алат, кој се користел од праисторијата до денес.

Радован Димитриески од Спортско риболовниот клуб  „Св. Апостол Петар“, кој воедно е организатор на изложбата,  вели дека е задоволен од заинтересираноста на присутните за оваа вековна традиција.

Иако временските услови не ни дозволија да направиме уште неколку активности, задоволни сме како помина настанот. Со заеднички сили, ќе се обидеме да придонесеме за развој на туризмот.“ – истакнува Димитриески.

Од СРК „Св. Апостол Петар“ потенцираа дека за оваа година бил предвиден Меѓународен натпревар за рибарски вештини, но централната и локалната власт останале без слух за проектот.

Инаку, во склоп на изложбата се одвиваше ревијален натпревар во подготовка на рибина чорба, а трите охриѓанки Катерина, Душанка и Гордана умешно ги покажаа своите кулинарски способности.

O.T.