Големата сала при Центарот за култура „Григор Прличев“, синоќа, беше исполнета до последно место за охридската премиера на римејкот на култната претстава “Грев или Шприцер” работена според текст на Сашко Насев, а во изведба на Драмскиот театар од Скопје.



Римејкот на претставата која своевремено беше голем хит, ги оправда очекувањата на публиката која со стоечки овации ги поздрави актерите: Драган Спасов – Дац, Билјана Беличанец – Алексиќ, Зоран Љутков, Роберт Вељановски, Сашо Тасевски, Маја Вељковиќ – Пановска, Билјана Драгичевиќ – Пројковска.


Многумина од присутните се потсетија на оригиналната изведба на претстава „Грев или шприцер“ со Ненад Стоајноски во главната улога, коментирајќи дека римејкот во режија на Дејан Дамјановски е достоен на оригиналот.



Охрид гладен за театар

Синоќешната претстава, како и полните сали за претставите на Охридскиот народен театар се само уште една потврда дека Охрид е гладен за културни настани. Охриѓани секоја сабота имаат можност да следат врвни театарски остварувања, а наскоро се очекува нова премиера на Охридскиот народен театар.


Итно е потребна е редарска служба

Исклучително позитивната атмосфера за време на синоќешната претстава ја засени мала група некултурни гледачи која не можеше да го кионтролира своето однесување, со што им пречеше како на актерите, така и на публиката, која на моменти гласно негодуваше. Во театарските центри постои редарска служба која најитно треба да се формира и во Охрид, со цел да ги опоменува, а доколку биде потребно и да ги отстранува гледачите кои ја нарушуваат атмосферата за време на претставите.

Горан Момироски
фото:Емилио