Во насока на подобрување на студентскиот стандард и задоволување на потребите на студентите, Државниот Студентски Дом “Никола Карев“ во Охрид, успешно ја заокружи изминатата 2013 година со реализација на сите предвидени проекти, информира директорот Марјан Ристески.

Меѓу реализираните проекти, Ристески ја истакнува целосната реконструкција на кровот, со што се придонело кон решавање на проблемот кој се провлекувал години наназад.

– По опожарувањето на делови од студентскиот комплекс при што беше уништена дел од расположливата опрема, раководството на установата направи напори и обезбеди три индустриски машини за перење, сушење и пеглање. Следна активност која беше преземена е реконструкцијата на котларата на Домот со која не само што се обнови постојната опрема, туку се имплементираа и некои новини преку воведување на нови технологии кои во иднина на Домот ќе му овозможат заштеди, односно поголема енергетска ефикасност преку намалена потрошувачка на енергенсите, вели Ристески.  

Директорот на домот информира и дека во текот на 2013 се спровеле активности за подобрување во сместувачкиот дел од капацитетот.

– Стариот, дотраен мебел кој беше нефункционален за прв пат од постоењето на Домот беше заменет со нов. Беа набавени и распоредени по сите соби нови работни бироа, масички кои на студентите им се потребни за секојдневно функционирање и  за учење. Набавен е и нов ситен инвентар за во кујна, како и нови постелнини за поголемиот дел од сместувачкиот капацитет. Во делот на тековното одржување се изврши редовно молерисување на објектот како и редовно сервисирање на инсталациите и опремата, додава Ристески.

Првиот човек на домот за студенти потенцира дека изминатата година се работело и за подобрувањето на општата финансиска состојба со што се овозможило во моментов установата да не должи ниту еден денар кон ниту еден комитент или добавувач.

– Редовно ги сервисираме обврските кон своите комитенти и добавувачи, редовно вршиме исплата на платите и придонесите на вработените согласно сите законски норми. Против Домот не се води ниту еден судски спор што не беше случај пред неколку години, а тоа е доволен показател дека сегашното раководство успеа да ја врати установата на правиот пат, вели Ристески.

Директорот на домот потенцира дека домаќинското работење ќе продолжи и во наредниот период за кога се очекува реализација на низа други проекти во корист на студентите и подобрување на нивниот стандард.