Македонскиот репрезентативец Стевица Ристиќ се повреди на вчерашниот претпоследен тренинг во Абу – Даби пред утрешниот натпревар на Поханг со Мазембе, што значи дека тој нема да настапува на Светскиот куп, односно светското клупско првенство во ОАЕ.

Напаѓачот на Поханг на вчерашниот тренинг го повредил зглобот на левата нога и според првичните оценки на лекарскиот тим на јужнокорејскиот клуб му претстои пауза, односно мирување од најмалку 10 дена. Период, токму толкав колку што ќе трае фудбалскиот самит на шампионатот на континенталните победници.

– Навистина немам среќа. Како да ме бие некој малер. На вчерашниот тренинг овде, во Абу – Даби имав еден највообичаен дуел со еден мој колега. Незгодно доскокнав на левата нога и веднаш почувствува остра болка во пределот на зглобот. Веднаш ми беше снимен зглобот и лекарскиот наод  вели дека повредата не е толку опасна, но не е ниту занемарлива – вели во изјава за Македонски Спорт, Стевица Ристиќ.

Ристиќ ќе остане заедно со клупските колеги кои ќе ги бодри од трибините.

Ohridnews