Чистиот планински воздух, природните богатства на планината Галичица, традициналната храна, прекрасниот поглед на Охридското Езеро и гостопримството се вистински магнет за странските туристи, велат сопствениците на сместувачкиот капацитет „Risto’s Guest House“ кој е лоциран во охридското селото Елшани. Оваа домаќинска куќа е еден од пионерите за развој на руралниот туризам во југозападниот регион на Македонија бидејќи повеќе од 10 години угостува и сместува голем број туристи од Европа и од Светот.
-Работиме од април до крајот на октомври, а најчесто имаме гости од Англија, Германија, Полска, Холандија, Франција, Турција но сме имале гости и од Финска, Костарика, Конго, Сингапур, Јапонија, Хонг Конг, Бразил и Мексико. Исто така често имаме гости и од Словенија, Бугарија, Србија и Косово. За нас најчесто дознаваат преку интернет, но и од свои блиски или од пријатели кои веќе ни биле гости, вели Анита Стојоска, која заедно со својот сопруг Ристо се грижат околу сите обврски за сместување на туристите.
Тие велат дека се многу задоволни од изминатото лето, бидејќи капацитетот за сместување им бил исполнет до максимум.
Нивната куќа има прекрасно уреден двор и тераси и располага со 6 добро опремени соби, но и кујна во која што за туристите се подготвува традиционална македонска храна.
Стојоска вели дека додека престојуваат кај нив странците постојано се на прошетка во природа, собираат чај, возат велосипед, фотографираат, но сакаат и авантуристички содржини како што се јавање на магаре или готвење на македонска храна.
-Турите со јавање на магариња ги организираме по потреба, кога имаме поголема група на гости. Исто така туристите се интересираат за нашиот традицонален начин на подготовка на храна, па токму поради тоа организираме и часови по готвење во кои ги учиме гостите да прават леб, ѓомлезе и истите да ги печат во фурна на дрва и под вршник, објаснува Стојоска.
Според неа во охридско може да се живее од рурален туризам, но потребни се многу труд и пред се упорност.
-Кога почнавме да ја опремуваме куќата и да создаваме услови за сместување, многумина се шегуваа со нас, не верувајќи дека во село ќе доаѓаат туристи, но со голем труд и волја упеавме тоа да го оствариме. Секако покрај желбата за работа потребни се и финансиски средства кои мора да се вложат за да се отпочне овој бизнис, но за среќа нашиот ризик ни се исплати, раскажува Стојоска.
Таа потенцира дека освен средствата, за да им се угодува на туристите од разни нации и култури исто така потребно е и големо трпение и исклучително позитивен пристап.
-Речиси сите странски туристи кои доаѓаат тука се во потрага по нешто ново и неоткриено, нешто што го нема во големите метрополи каде што живеат. Тие се презаситени со луксуз и модерни работи и се восхитуваат на едноставноста и на скромноста. Ги радуваат мали работи, а особено добра комуникација и разговор, нагласува Стојоска.
Според неа туристичките чинители на повисоко ниво, треба да разберат дека странските туристи не се импресионираат од модерни хотели и дека треба да се поработи малку повеќе на презентација на нашите традиционални вредности, кои ги нема на ниту едно друго место во светот.
Е.М