Новогодишна желба му е да дебитира во дресот на Парма против Јувентус во најсилната лига во Италија. Сонот за малце ќе станеше стварност доколку се најдеше во тимот на “млекарите“ на 6 јанаури кој го демолираше Јувентус во Торино со 4-1. Но тој не брза,  млад е и смета дека играњето во Серија А ќе го направи само уште подобар играч но и човек.


Капитенот на селекцијата под 19 години Стефан Ристовски цврсто стои на земја, вредно и макотрпно работи и ја чека својата шанса да биде уште еден македонец кој ќе заигра во калчото.  –    Минатата 2010 година беше убава година за мене, доста напорна, но за среќа добро се заврши. Се наоѓам во голем клуб во кој има од кого да учам, имам голем поттик и се надевам дека еден ден ќе станам уште подобар фудбалер – вели Стефан Ристовски кој во Охрид се подготвуваше со репрезентација под 19 години за престојниот пријателски меч со Грција.


Одличните игри на страничниот офанзивец во дресот на Вардар, и во македонската фудбалска репрезентација не останаа не забележани, а својот квалитет ќе го докажува меѓу најдобрите во светот во Италијанската Парма. На изборот на најдобрите на ФФМ се  здоби со наградата најдобар млад фудбалер за 2010 година. –    Горд сум на добиената награда преку која ја преставувам цела Македонија, имам 18 години и тоа еден стимул за мене понатаму во кариерата. Се надевам дека ќе ја оправдам оваа награда со добри игри во репрезентацијата на Македонија и секако во дресот на “млекарите“ – рече Ристовски.

Ристовски ја предводи селекцијата под 19 години, која важи за суперталентирана селекција и наследничка на “финската“ генерација на Горан Пандев. Првиот тест беше успешно положен и по предквалификациите во Сараево, Ристовски ја носи селекцијата во Истанбул на нов предизвик.  – Оваа генерација има доста таленти, посакувам еден ден и некој од овие соиграчи да заигра со мене во Италија. Во Сараево беше одлично, добро одигравме и пројдовме во вторава група. Не сакам предвреме да зборувам ,а не зборував ниту тогаш. Единствено што можам да кажам е дека одиме со кренати глави во тие натпревари во кои нема што да загубиме , едниствено може да добиеме, се’ е можно. – оптимист е Ристовски.


Неговиот талент и вредната работа го прекомандуваа од “Примавера“ тимот во првиот тим на Пасквале Марино. Успеа да влета во првиот тим на Парма каде ја чека шансата за деби настап. –  Доста напорно ми беше на почеток, но бев трплив, сега тренирам со првиот тим, и верувајте и јас понекогаш сум зачуден што тренирам со едни фудбалски великани како Хернан Креспо, Кристијан Ѕакардо, Валериј Божинов. Но се е навика, се чувствувам како дел од тимот и едноставно учам и чекам. Најблизок сум со Бугаринот Божинов, бидејќи најлесно се разбирам со него, прифатен сум одлично, а за тоа и соиграчите ми помагаат. Тие се стварно “големи“ играчи но таквите играчи имаат и голема душа – потенцираше Ристовски кој “пиано пиано“ го совладува италјанскиот јазик.


Најмногу време минува и совети прима од централниот дефанзивец Масимо Пачи, пресреќен е што ја дели десната страна со Светскиот шампион од 2006 година италијанецот Кристијано Ѕакардо.  – Среќен сум што можам да учам од Ѕакардо кој ми беше омилен фудбалер и пред да дојдам во Парма. Се работи за еден страшен професионалец кој ужива во фудбалот. Јас слично како него префираам да играм по десната бочна позиција, каде и најмногу ме форсираат, но доколку има потреба без проблем влегувам и во средниот ред.


Ристовски има 18 годнини , не знае кога ќе дебитира во една од најсилните лиги во светот , но добро знае против кого сака да дебитира. –  Не мислам на тоа кога ќе заиграм млад сум, Серија А  е голема лига, има време. Сакам да дебитирам, а и да постигнам гол против Јувентус. Уште од дете сум фан на “бјанконерите“ и погодок против нив би ме направил најсреќен на свет – заврши Ристовски кој се приклучи на своите сооиграчи во последниот тренинг пред заминувањето за Костур на пријателскиот натпревар против Грција.

Мирко Постоловски