Охриѓани сеуште неможат да поверуваат како ги изрече казните Ракоментата федерација на Македонија за прекинатиот меч во Чаир против Ринија. Од клубот со отворено писмо се обратија и кај директорот на Агенцијата за млади и спорт Лазар Попоски.

Во писмото стои :

1. На ден 24.11.2012 (сабота) во спортската сала „7-ми март“ во  Чаир започна натпреварот од 10-та рудна помеѓу Ракометниот Клуб  Риниа и Ракометниот Клуб  Охрид 2011 кој не го дочека својот крај. До ваквиот епилог дојде поради непочитувањето на Правилникот за ракометни натпреварувања, Пропозициите за натпреварување, Дисциплинскиот правилник, Статутот на Ракометната Федерација на Македонија и Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари од страна на РК Риниа како домаќин и огранизатор и официјалните службени лица делегирани од РФМ.

Официјалните лица на РФМ се единствените овластени и задолжени лица кои можат и мораат да извршат проверка дали се исполнети сите услови предвидени во Пропозициите за натпреварување за одржување на првенствен натпревар. Не знаеме дали во овој случај овие лица ги исполнија своите обврски. Непочитувањето на Пропозициите за натпреварување беше очигледно. Во спортската сала немаше присуство на службени лица од Министерството за внатрешни работи, а официјалните лица од РФМ го започнаа натпреварот.

Во текот на целиот натпревар ракометарите на Охрид 2011 беа навредувани и омаловажувани на етничка основа од страна на домаќините и службените лица на РК Риниа. Да ве потсетиме само дека член 11, точка 3 од статутот на федерацијата гласи дека треба „да промовира ракомет во Република Македонија во духот на мир, разбирање и фер игра, без било какви дискриминации по однос на политика, пол, религија, расна и етничка припадност. Кулминација се постигна околку 40-та минута,после еден вообичаен фаул врз еден од ракометарите на РК Риниа. Истиот со удар во главата му возврати на ракометарот од  Охрид. Чудата продолжија. Судиите преплашени од приговорите и заканите на домашната екипа немаа храброст да му доделат црвен картон на ракометарот кој делеше боксови па му додели црвен картон и на нашиот ракометар со што има и материјална повреда од ракометен аспект. Тензиите не спласнаа, а припадници од МВР сеуште немаше во спортската сала. Нашата безбедност беше сериозно загрозена и ние одлучивме да се повлечеме во соблекувалната.Ние сакавме да се вратиме на теренот, но пред соблекувалната се насобраа разлутените ракометари на домашниот тим, службените лица од Ринија и неофицијални лица кои ни се закануваа по живот, не омаловажуваа и се обидоа да ја скршат вратата од соблекувалната како би се пресметале со нас. Во отсуство на службени лица од МВР ние сами повикавме полиција да интервенира, која успешно без проблем  не извади од пеколот и не испрати во полициската станица „Бит Пазар“, каде го пријавивме случајот.  Од таму со зачуденост ни говореа  „кој ве испратил да играте натпревар ваму?“  „како сте започнале натпревар без полиција“

РК Охрид 2011 беше крајно претпазлив во врска со овај натпревар со оглед на претходното искуство кое го имавме. Поради тоа го повикавме одговорниот од РФМ за Првата машка ракометна лига г-динот Камер Металари како спортски авторитет да присуствува на натпреваротза да обезбеди минимални услови за ракомет, но тој не беше таму.

2. Следеше состанок во РФМ на кој беа присутни г-дин Русе Наумовски, г-дин Камер Металари како претставници на Комисијата за спроведување на натпревари, беше присутен делегатот и судиите кои беа делегирани на спорниот натпревар, претставници од РК Охрид 2011 и РК Риниа. На состанокот  беше разгледана видео снимката од натпреварот на која во многу лош кадар се гледа нападот врз нашиот играч, а потоа сите актери на натпреварот дадоа изјави. Вознемирувачки  за нас беше тоа што членовите од Комисијата за спроведување на натпревари при РФМ се повикуваа на видео снимката дека немало поголем инцидент и покрај нашето укажување дека поголемиот инцидент се случи пред соблекувалните, простор кој никогаш не се снима на натпреварите.

Делегатот и судиите изјавија дека немало никаков инцидент пред соблекувалните и дека „влакно не ни фалело“.  Тие, веројатно стравувајќи да не бидат санкционирани поради лошо делегираниот натпревар се подготвени да прикријат секаков инцидент. Ние им посочувавме дека со тоа што се затворивме во соблекувалната спречивме да дојде до поголем инцидент на кој би ни фалело и повеќе од влакно.

На состанокот сите страни освен РК Охрид 2011 констатираа дека: немало удари со нога по вратата од соблекувалната, дека немало скршена квака од надворешната страна на вратата, дека немало закани по нашата безбедност,а ние сите бевме сведоци на тие моменти.

Ве прашувавме, како ли ќе ја докажуваме вистината,  единствената вистина која ја преживеавме, пред оваа лицемерна, корумпирана и машинизирана институција наречена РФМ?

3.Комисијата за спроведување на натпревари на ден 04.12.2012 год. во 11.00 часот во состав: Русе Наумовски, Силвана Карбеска, Камер Металари, Предраг Доневски и Владимир Радиќ ја донесоа одлуката која ви ја праќаме во прилог.

Според неа:

– натпреварот Риниа М – Охрид 2011 се регистрира со службен резултат 10:0 за   Риниа М

– минус 1 (еден) бод од бодовното салдо на Охрид 2011.

– РК Охрид 2011 се казнува со парична казна во висина од 120.000,00 (стодваесетилјади) денари.

– тренерот  на РК Охрид 2011 и поранешен репрезентативец Андоновски Горан со се казнува со вршење на сите функции во ракометниот спорт во траење од 3 (три) месеци.

– играчот на Риниа М, Арифи Џеваир (на кој ова не му е прв ваков инцидент) се казнува со забрана на играње и вршење на сите функции во ракометниот спорт во траење од 3 (три) месеци.

РФМ правдата не сакаше да ја види, членовите на комисијата повторно ги заштитија своите миленици. Некој по секоја цена ги одржува во ракометот насилниците од Чаир. Згора на тоа со драгонски мерки РФМ ги „решава“ непосакуваните клубови, со двојна цел и тоа: да го убие ракометот во Охрид поради тоа што до сега РК Охрид 2011 неколку пати преку медиумите јавно ја има искажано реалната состојба во РФМ; и да го корумпира РК Охрид 2011 за во иднина, кога би имало проблем, веднаш да ги изнесе на маса тие 120 000 денари кои немаме никави шанси да ги платиме, а и да би ги имале тие средства немаме намера да им ги дадеме; зошто РК Охрид 2011 не планира да им ги плаќа нивните плати и да ја крпи нивната економија.

Кракта анализа на изречените казни на истата комисија:

– 23.11.2011 Комисијата носи одлука(која ви ја праќаме во прилог) во врска со натпреварот помеѓу РК Охрид 2011 и РК Ринија кој се играше во Охрид, на кој гостите ги напднаа судиите(за што има видео сника и фотографии во РФМ) и го напуштија натпреварот; што тогаш досуди истата комисија:

– натпреварот РК Охрид 2011-РК Риниа М, согласно член 49 од Правилникот за ракометни натпревари, се регистрира со службен резултат 10:0 за РК Охрид 2011 и минус 1 (еден) бод од бодовното салдо на РК Риниа М.

– согласно член 15 од Пропозициите, РК Охрид 2011 се казнува со парична казна во висина од 15.000,00 (петнаесетилјади) денари.

-согласно член 34 од ДП на РФМ, екипата на РК Охрид 2011 се казнува со играње на 2 (два) натпревари како домакин без присуство на гледачи. Казната важи за наредните 2 (два) првенствени или куп натпревари како домакин.

-согласно член 29 од ДП на РФМ, ракометарот на РК Риниа М Арифи Џеваир лиценца 255, се казнува со забрана на играње во траење од 6 (шест) месеци.

– согласно член 26 од ДП на РФМ, Ракометарот на РК Риниа М Асани Гафур лиценца 267, се казнува со опомена.

– 16.03.2012 Комисијата донесе одлука (која ви ја праќаме во прилог) после инцидент кој се   случи помеѓу играчите на РК Охрид 2011 и РК Пелистер Јуниор во кој двајца играчи разменија удари, соодветно на тоа беа казнати со минимални казни според РФМ

– согласно член 28 од ДП на РФМ, играчот на РК Охрид 2011, Анѓелковски Тодор се казнува со забрана на играње и вршење на сите функции во ракометниот спорт во траење од 6 (шест) месеци.  Н.З. играчот беше казнет заради удар

–  согласно член 28 од ДП на РФМ, играчот на Пелистер 08 Јуниор, Најдовски Димитар лиц. 111 се казнува со забрана на играње и вршење на сите функции во ракометниот спорт во траење од 6 (шест) месеци. Н.З. играчот беше казнет заради удар

– согласно член 28 од ДП на РФМ, играчот на Пелистер 08 Јуниор, Најдовски Игор лиц. 121 се казнува со забрана на играње и вршење на сите функции во ракометниот спорт во траење од 3 (три) натпревари. Казната важи за наредните 3 (три) првенствени и куп натпревари.
Н.З. играчот беше казнет за агресивно однесување

– согласно член 28 од ДП на РФМ, играчот на Охрид 2011, Јованоски Филип лиц. 130 се казнува со забрана на играње и вршење на сите функции во ракометниот спорт во траење од 3 (три) натпревари. Казната важи за наредните 3 (три) првенствени и куп натпревари.
Н.З. играчот беше казнет за агресивно однесување

– РК Охрид 2011, согласно член 34 од ДП на РФМ, се казнува со парична казна во висина од 30.000,00 (триесетилјади) денари.

Н.З. Клубот беше казнет за лоша организација

Заклучок: 

РК Охрид 2011 напушта натпревар, казнет со 120 000 денари.

РК Риниа напушта натпревар, нема парична казна.

РК Охрид 2011 напушта натпревар, казнето службеното лице кое ја повлекло екипата на 3 месеци.

РК Риниа напушта натпревар, нема казна за службено лице.

Играч на РК Охрид 2011 и РК Пелистер Јуниор прават прв пат инцидент, двајцата играчи се казнети со забрана за играње 6 месеци

Играч на РК Риниа која прави чести, повторни инциденти, казнет со забрана за играње од 3 месеци

Кажете ни каде понатаму? Зар не е јасна неправдата нанесена врз РК Охрид 2011? До кога мора да се бориме против неспортски и неправедни методи,против корумпирани поединци и квази институции во ракометот. До кога ќе го имаме ентузијазмот за да ја водиме битката за правдата и битката за спортот? Додека не се измориме и не се откажеме па да им оставиме нив да продолжат да аздисуваат во ракометот? До кога некој ќе биде заштитен само заради тоа што е од Чаир? До кога во Чаир не ќе може да се игра слободно?  Или можеби треба и ние со реципроцитет да вратиме, па кога ќе ги пречекаме РК Риниа во Охрид, камерите да не снимаат, делегатите да не видат….? Зошто на тоа не стимулира РФМ, тие го подржуваат и го промовираат таквиот начин на функционирање.

4. Каква е улогата на МВР во целиот овој инцидент и како тоа е дозволено во актите на РФМ да смее да се започне натпревар без присуство на униформирани полицајци? Сакаме да ве замолима како АМС веднаш да започнете акција со која ваквите акти ќе се прогласат за нерелевантни, односно да биде задолжително на секој натпревар да мора да има присуство на полиција. Ако до сега АМС има донесено таков атк, тогаш по примерот на кој РФМ изрекува казни бараме и вие соодветно да ја санкционирате РФМ затоа што дозволуваат опасни отстапки.

Да се обидам да ја доловам уште еднаш целата ситуација од безбедносен аспект; Натпреварот се игра на 24.11.2012, неколку дена пред прославата на Денот на Албанското знаме, кога во сите општини каде што Албанците се мнозинство се демонстрираше сила со поставување на несоодветна декорација и се напаѓаа етнички Македонци без никакви причини. Одиме во сала во Чаир која се наоѓа во гето, да играме со противник со кој имаме непријатно искуство, а во и околу салата нема ниту еден полицаец. Се случува инцидентот и се повлекуваме во соблекувалните и соопштуваме дека нема да излеземе се додека не дојде полиција. Но полиција никако да дојде, па сами се јавивме на 192 и на неколку наши пријатели да го пријават инцидентот во МВР. После 30-тина минути кога слушнавме полициска радио-станица излеговме и полицијата не одведе веднаш во комбето кое беше блокирано и 10-15 минути излегувавме од паркингот пред салата. Се ова за РФМ се нормални услови за игра.

На наше големо изненадување видовме двајца од играчите од РК Риниа кои над дресовите ги облекоа своите полициски униформи; значи тие биле припадници на МВР кои своите униформи, веројатно и пендреци и пиштоли ги оставиле во соблекувалната. Можете ли да замислите што се можеше да се случи доколку ние исто како нив реагиравме на физичките напади и на навредите и заканите? Сме спречиле огромна катастрофа, а РФМ не казнува нас. За оваа иста екипа имаше шпекулации дека пред неколку години се појавиле со пиштоли на теренот, затоа ќе ве замолиме, покрај РФМ (од кои кренавме раце) да стапите во контакт и со МВР за да се спречат во иднина вакви работи.

Воедно и ние ќе се обратиме со писмо до МВР да ни објасни зошто не испрати свои претставници на натпреварот. Да ни објасни како нивни службеницивослободно време се шетаат униформирани со оружје и да им се заблагодариме за брзата интервенција на Алфите кои ни обезбедија услови безбедно да го напуштиме Чаир.

Како да продолжиме да се натпреваруваме во еден ваков систем, во кој треба да стравуваме за нашата безбедност? Како да ја платиме неправилно изречената казна кога таа е поголема од нашиот полугодишен буџет? Како воопшто да играме ракомет во едно вака нерегуларно првенство? Веќе планираме состанок на највисоко ниво на клубот на кој ќе го разгледуваме нашето учество во лигата, зошто РФМ ни демонстрира сила и го казнувам РК Охрид 2011 како да е Вардар или Металург.

Како АМС морате да реагирате на ваквите инциденти, во нашата држава нема секаде спорт, напротив, има насилство, закани, меѓуетничка нетрпеливост, корупција, неправда. Ние немаме друга институција освем АСМ каде да се обратиме, од поодамна РФМ не третира како да не припаѓаме во таа федерација. Затоа покрај другото ве замолуваме:

•    Во целост да ги анализирате сите акти на РФМ и да им наложите да ги ревидираат нивните деловници, правилници, статути во кои е дозволено да се игра ракомет без присуство на полиција, а актуелните да се прогласат за невалидни.

•    Да ни сугерирате како да продолжиме да учествуваме во лига во која не ни се обезбедуваат основни услови за играње на натпреварите, материјално сме оштетени од ракометен аспект  и во која неправедно сме казнувани.

•    Да ни кажете како да платиме огромна, неправилно изречена казна поголема од нашиот буџет?

•    Да ни овозможите нормални услови за натпреварување во целата држава со цел да продолжиме да се натпреваруваме и да го развиваме ракометот во Охрид

•    Да ги санкционирате РФМ за нелегитимното водење на Првата машка ракометна лига

•    Во соработка со МВР да спречите во иднина присуство на огнено и ладно оружје на теренот или во соблекувалните, а РФМ соодветно да ја казните поради тоа што на нејзините натпревари се случува тоа, а тие не само што се немоќни да го спречат, туку и го аминуваат.

•    Да спречите во иднина повратни насилници да бидат дел од спортските екипи

•    Да ни помогнете во организирање и промовирање на ракометот во Охрид, бидејќи РФМ не го прави тоа

•    Да посетите еден од натпреварите на РК Охрид 2011 на домашен терен и да бидете дел од 2000-та публика

•    Да иницирате промени во начинот на управување и структурата на РФМ

Ние ја немаме машинеријата на РФМ но го имаме правото на слободно изразување и максимално ќе го искористиме.

Ohridnews