Ракометниот клуб Охрид остана без тренерот Горан Андоновски кој си поднесе оставка откако клубот не ја прифати поканата од Ракометната федерација на Македонија за настап на европската ракометна сцена.
Настапот во Европа следната сезона ќе беше круна на историските успеси на охридските „гладијаторите“ минатата сезона кога прв пат се изборија за учество во завршниот турнир во Купот на Македонија и плејоф мечевите во Супер лигата.
– Со премногу мотиви, ентузијазам и љубов го водев охридскиот клуб во кој одредено време работев и волонтерски. Заедно шест години наназад достигнавме некое ниво по кои сме препознатиливи во Македонија. Сезонава што измина имавме историски успеси кои засекогаш ќе останат запишани во охридскиот ракомет. Круна на минатата сезона ќе беше учеството во Европа, но се случи спротивното. Познавајќи ја финансиската ситуација во градот и Македонија никој не обвинувам, но оваа разделба ја гледам како решение. Го оставам РК Охрид бидејќи немам повеќе сила да се борам и мислам дека јас со клубот го достигнав врвот. Клубот го сакав како мое дете и се надевам дека тој што ќе го преземе ќе води со иста желба и љубов како мене. Секогаш како најголем навивач ќе се радувам на победите и ќе тагувам на поразите. – изјави Горан Андоновски.
Понуденото место на Охрид за Европа го „зграпчи“ Пелистер кој на големо се екипира за сезоната која следува.
Управата на РК Охрид ќе има полни раце работа во летниот преоден рок откако на повеќето играчи им истече договорот, а сега ќе мора да бара и нов тренер.
Мх.П.