Дукла Прага е силен противник, двократен европски првак и екипа која се бори за титула во националното првенство. Затоа е потребно максимално залагање и фокус во текот на целиот натпревар и силна поддршка од трибините да стигнеме заедно до посакувана цел, добар резултат кој ќе ни ги зголеми шансите за пласман во следната фаза од ЕХФ Европскиот куп. Ова денеска на прес конференција го истакнаа тренерот на ГРК Охрид Борис Ројевиќ и средниот бек Тилен Стрмљан, пред првиот меч од 1/8 финалето евро купот, што ќе се одигра утре вечер (сабота) во салата „Билјанини извори“ со почеток во 18 часот.

На гости ни доаѓа клуб со голема традиција. Подготвени сме за предизвикот, формата во овој момент можеби не ни е највисоко ниво, но желбата секако е. Доколку навивачите создадат атмосфера како што знаат, како што беше на мечот со Пелистер тука, верувам дека заедно со нив можеме да направиме многу и затоа едвај го чекаме претстојниот натпревар, изјави тренерот Борис Ројевиќ.

Тилен Стрмљан вели дека противникот е добро анализиран. Дукла игра брз ракомет во двата правци и затоа ќе биде потребно максимално залагање од сите играчи.

Добро сме подготвени. Не чека тежок натпревар, ќе дадеме 100 отсто од себе, нема да биде лесно, но ќе дадеме се од себе на теренот, додаде Стрмљан.

Што се однесува до калкулациите, тренерот Ројевиќ смета дека ќе биде многу полесно доколку се обезбеди добра предност на првиот натпревар во Охрид, но тоа нема да биде лесно.

Противникот игра атомски ракомет, брзо трчаат, имаат силен колективен напад, но без добро враќање назад ќе биде тешко, рече Ројевиќ.

Атмосферата во екипата е одлична, сите се здрави во очекување на утрешниот натпревар за кој се надеваат дека ќе се одигра пред полни трибини што ќе биде дополнителен мотив за играчите на Охрид да остварат добар резултат против Дукла Прага.

Ројевиќ и Стрмљан: Потребна ни е силна поддршка од навивачите за добар резултат во мечот со Дукла Прага

Г.М.
Фото: А. Момироска