Мешани полициско-родителски патроли, во рамки на програмите за Безбедни училишта и за Правна социјализација на младите, викендов патролираа низ угостителските објекти во Охрид. Заедно со 15-ната родители кои доброволно се пријавија, беа преставници на локалната самоуправа, центарот за социјални работи, преставници на Дневниот центар за третман на деца на улица, преставници од училишните одбори и од советот на родители од средношколските образовни центри во Охрид, како и преставници на советодавните групи на граѓани на Охрид и медиуми.


-Тоа е можност родителите да видат какви се условите каде што децата се забавуваат, кои се угостителските места кои најчесто се посетуваат, да разбијат одредени табуа во однос на проблематични состојби и во најдиректен разговор со угостителите и полициските службеници да добијат изворни информации каков е амбиенот во локалот што е карактеристочно за тој локал, кои се проблемите со кои и локалите генерално се соочуваат. –изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Тој информираше дека во првите 7 месеци од годинава во Охрид се регистрирани 5 нарушувања на јавниот ред и мир во угостителски објекти, посочувајќи дека една од целите на проектот со мешани патроли е преку широка општествена акција да се намалат инцидентите на местата каде што се забавуваат младите.


Мешаните патроли синоќа во Охрид легитимираа 20-тина лица и предупредија неколку малолетници околу законските обврски кои мора да се почитуваат, а беа легитимирани и неколку други лица по други основи.

-Како родител ме интересира бидејќи имам две малолетни деца да се запознаам каде излегуваат, што прават и ова е добра можност да дознаеме каков е животот на младите во Охрид.-рече Елизабета Протугер.


Родителите се свесни за одредени навики кои децата ги стекнуваат  во ноќниот живот, но ниту младите не кријат како се забавуваат и што консумираат за добро расположение.

-Пиеме се! -расположено изјавија група млади.

По барање на родителите мешаните патроли ќе продолжат на територијата на Охрид.

OhridNews