Родители од селото Трпејца се жалат дека нивните деца посетуваат настава во руинирана зграда.
– Влезот и таванот во училиштето секој момент можат да се распаднат особено кога врне, а такви периоди ни претстојат. Тоалетот нема прозорец, па наместо стакло поставени се различни материјали за заштита, хартија, дрва, пластика. Оџакот на покривот е поделен на два дела и прашање е кој ветар ќе го спушти во училишниот двор, велат родителите, кои додаваат дека разговарале со директорот на училиштето и до надлежнте во локалната самоуправа, но до сега се завршувало на ветувања.
Од локалната самоуправа велат дека во годишната програма за санација на училиштата е предвидена реконструкција на училиштето во Трпејца, доколку се утврди дека интервенцијата е неопходна, за што треба да се поднесе барање од страна на училиштето.
Директорот на училиштето, Илија Стојаноски, објаснува дека во тек се активности за реализирање на потребната реконструкција на училиштето која е предвидена во 2016, но додава дека и во меѓувреме ќе се извршат потребните санации за обезбедување на услови за следење на наставата.
Надлежните објаснуваат дека на учениците од Трпејца им било понудено наставата да ја следат во објектот во Пештани, за што би се организирал бесплатен превоз од страна на локалната самоуправа, но дека родителите на децата од Трпејца предлогот го одбиле.
Во основното училиште во Трпејца наставата ја следат четири ученици.
Т.К.