Во последниве неколку години охридските просветни работници забележале дека децата во школска возраст се со многу пониски морални вредности, поагресивни и со мало домашно воспитување. Тие велат дека за разлика од минатотото, денешните деца се премногу самостојни во своите одлуки и пред нив повозрасните потешко може да го покажат својот авторитет.
-Во денешно време родителите се презафатени со работни активности, па поради тоа имаат се помалку време за воспитување и блискост со своите деца и често пати родителската грижа ја сведуваат само на купување на материјални добра и подароци. На таков начин тие го губат своето влијание врз децата, а тоа особено се чувствува кај оние од пубертетска возраст, велат дел од охридските училишни психолози.
Тие појаснуваат дека освен родителите и семејството, врз воспитувањето на децата влијаат и многу други фактори.
-Нецензурираноста на телевизиските канали и интернет страниците има големо влијание врз развојот на детето. Децата се почесто го применуваат она што го гледаат, било да се однесува за агресивно или неморално однесување. Па затоа се препорачува децата да се контролираат и да се советуваат, при користењето на медиумите. Треба да им се укаже како да го извлечат она што е поучно, и како да го осудат она што не е добро, советуваат психолозите.
Охридските педијатри велат дека покрај опкружувањето, како причина за агресивноста кај децата е и тоа што тие се пренатрупани со обврски надвор од училишните клупи.
-Освен тоа што имаат многу напорни часови на училиште, родителите во последно време им наметуваат на децата и голем број на вон-училишни активности, како што се курсеви по јазик, музичко или други дополнителни часови. Со тоа тие ги преморуваат децата и им оставаат се помалку слободно време за детски игри и сеемен живот. Родителите секако сметаат дека со оваа постапка им прават добро на своите деца, но во суштина тоа предизвикува контра-ефект. Децата навистина побрзо учат и се развиваат, но постои опасност да станат исфрустрирани, вели д-р Никола Филев, специјалист педијатар.
Тој потенцира дека за правилен развој на децата, сите дополнителни активности треба да се спроведуваат во рамки на училиштето, а не како дополнителна обврска.
Е.М