Дел од родителите кои ги носат своите деца во градинката „Јасна Ристеска“ се жалат дека во последните неколку месеци не им ги примаат децата во градинка доколку ги донесат подоцна од 8:30 часот. Според нивните сведочења, вратата на градинката по ова време била заклучена и дечињата не биле примани на згрижување и престој.

-Децата не ги примаат во градинка и доколку ги однесеме само пет минути подоцна. Сметам дека треба да има разбирање за оправдани доцнења иако истите не биле најавени. Не знам дали институција од ваков згрижувачки карактер може да вовeде ваква мерка и дали тоа е законски, прашува млада мајка која се обрати до нашата редакција.

Според неа новиот „куќен ред“ во градинката е резултат на однесувањето на дел од родителите кои не се работно ангажирани и своите деца во градинка ги носеле и многу подоцна.

-Но сепак најголемиот дел од родителите се вработени и често пати ако задоцнат, децата им остануваат незгрижени и нема кој да ги чува, вели нашата соговорничка.

Од Управата на градиката „Јасна Ристеска“ велат дека одлуката со која нема да за толерира ненавременото носење на децата, била донесена на почетокот на септември и истата е во интерес на заштита на децата.

-Децата треба да бидат донесени во градинка до 8:15 часот, има толеранција од 15 минути до 8:30 часот. По ова време вратата се заклучува бидејќи започнува времето за појадок и негувателите и воспитачките треба да бидат во занималните и да се погрижат за децата, по што започнуваат и воспитно-образовните активности кои не треба да се пореметуваат заради пристигнување на деца кои се донесени подоцна од предвиденото време. Оваа одлука важи за сите објекти на градинката и родителите беа навремено информирани на родителските средби, на кои им беа објаснети причините за оваа одлука, вели директорката на градинката Роза Костоска.

Таа објаснува дека пред да се донесе оваа одлука дел од родителите биле несовесни и ги носеле децата многу доцна со што го попречувале воспитниот процес.

Според неа оваа одлука придонесува и за поголем ред во градинката, а се избегнува и влегувањето на родителите во просториите на градинката, со што се задржува хигиената на ходниците и занималните на високо ниво.

Е.М