Од охридската гимназија информираат дека поради сериозноста на актуелната состојбата поврзана со бојкотот на наставата од страна на учениците во ОСУ „Св.Климент Охридски“,  закажани се родителски средби  за трета и четврта година.

 – Целта е  со родителите да се дискутира околу  надминување на проблемот и враќање на учениците  во редовна настава, велат од гимназијата.

Родителските средби се закажани на 6- ти мај, во 18 часот и 30 минути.

Раководството на гимназијата во неколку наврати до сега апелираше до учениците да се вратат на настава и укажуваше на негативните последици кои ќе треба да ги сносат учениците.

Губењето на часови и нереализираниот фонд и програма оди на штета на учениците. Според законот изгубените часови мора да се надоместат. Сега се соочуваме и со недостиг од време затоа што се ближи крајот на учебната година, поради нереализираната програма нема да може да се одработи четвртата писмена работа, а со тоа не може да се стави и годишната оценка. Без реализирана програма не може да се полага и матурата и да се направат потребните подготовки околу изборните предмети. Сето тоа на вчерашнот состанок им беше презентирано на родителите кои беа со поделени ставови, изјави за OhridNews директорот Звонко Трпески.

Пред две недели, во гимназијата се одржа и состанок помеѓу претседателите на класови, советот на родители, класните професори и раководители на која се дискутираше за настаната ситуација. Целта на состанокот беше да се изнајде соодветен начин за да продолжи наставата.Но, и покрај тоа бојкотот на наставата продолжи. Незадоволството од реформите во средното образование средношколците го изразија со мирни протести по улиците и со алтернативни часови.

OhridNews