Семејствата на петнаесетте бугарски туристи кои ги загубија животите при потонувањето на бродот „Илинден“ на Охридското Езеро пред нешто повеќе од три години, поднеле оштетно побарување пред судот во Софија во висина од 10,5 милиони лева, околу 5 милиони евра, пренесува бугарската агенција „БТА“.

Роднините на загинатите ги тужат германските осигурителни компании „Лојд“ и „Алијанц“ од кои бараат надомест за претрпената штета. Во тужбата се посочува дека на бродот кој имал капацитет за 35 патници имало 53 лица.

Основниот суд во Охрид за трагедијата што се случи на 5-ти септември 2009 година на по една година затвор ги осуди капетанот на бродот Сотир Филески и одговорниот за техничкиот преглед на пловилото, овластениот претставник на германски „Лојд“ Бранко Баиќ.Судот ги прогласи виновни за предизвикување тешки дела против луѓето и имотот во сообраќајот и дека со своето несовесно работење придонеле да се случи несреќата на бродот „Илинден“ кој потпона во водите на Охридското Езеро на околу 350 метри од авто кампот Елешец, при што животот го загубија 15 туристи од Бугарија. Пресудите пред неколку месеци ги потврди и апелациониот суд во Битола.

OhridNews