Во Софискиот окружен суд вчера започна судски процес по граѓанска тужба во врска со потонувањето на бродот „Илинден“ во Охридското Езеро во септември 2009 година, при што загинаа 15 бугарски туристи, јавија бугарските медиуми.
Според бугарските написи, со тужбата роднини на загинатите бараат над 5,2 милиони евра отштета од осигурителните компании „Алианц Ферзихерунг“ и „Германишер Лојд“. Тие во тужбата наведуваат дека причина за потонувањето на бродот се извршените промени во структурата на „Илинден“, по што осигурителните компании оцениле дека бродот е безбеден.
Во текот на вчерашната судска расправа биле сослушани 14 сведоци, роднини и блиски на загинатите, кои изнеле детали за трагедијата. Судот на двете страни во спорот им дал рок од 20 дена да се запознаат со доказите во процесот, како и да бидат набавени дополнителни информации за техничката експертиза за случајот.
Бродската трагедија на „Илинден“ се случи на 5-ти септември 2009 година. Тогаш бродот заедно со 57 патници пловеше од Охрид за Свети Наум. Иако времето беше поволно, бродот „Илинден“ се преврте и потона на околу 300 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.
Капетанот на бродот, младиот Сотир Филески, беше приведен веднаш по несреќата, а истражен судија му одреди притвор. Судски епилог имаше по скоро две години и тоа во 2011 година кога Филевски доби една година затвор. Осуден беше и овластениот претставник на германската осигурителна компанија „Лојд“ Бранко Баиќ, поради несовесно вршење на проверката за техничката исправност на бродот „Илинден“.
OhridNews