Просторот „Долни Сарај“ вчеравечер, беше претесен за да ја прими бројната публика која уживаше во проектот „РОК СИМФОНИЈА“ на Камерниот оркестар од Битола заедно со виртуозот на гитара  Влатко Стефановски и солистите Михајло Трајковски-Сак, Жарко Јакимоски и Боби Мојсовски.

– Јас сум многу задоволен што сум дел од овој проект. Ме поканија да учествувам заедно со овие млади. Верувам дека ова е само почеток на една соработка која може и да потрае затоа што највистина се многу вешти, многу подготвени, многу талентирани, и гудачите, и ритам секцијата а посебно пејачите кои се навистина фантастични. Материјалот  е рок-ен рол, Рок-ен рол лектира и Рок-ен рол литература која е добро позната на сите така што навистина уживав, вели македонскиот гитарист со светско реноме, Влатко Стефановски.

Задоволството да се настапува на „Охридско лето“ според Стефановски е огромно, зашто како што додава, оваа манифестација ја збогатува културната понуда на Охрид во лето.
 
– Имам голем респект кон фестивалот Охридско лето“ што трае шеесеттина години и се труди да ја збогати културната понуда во Охрид. Без „Охридско лето“ не знам како би изгледал Охрид во лето. Знаеме што е туризам ама ова е нешто друго. Со задоволство бев дел од оваа голема манифестација, вели Влатко Стефановски.

Охриѓанецот Боби Мојсовски кој успешно ја гради својата музичка кариера смета дека настапот на „Охридско лето“ е големо искуство.
 
– Преубаво искуство. Не ми е прв ваков концерт. Пред тоа имав два мои концерта во Минск, Белорусија каде што исто така настапував со оркестар, но ми е прва соработка со Камерниот оркестар од Битола и навистина ми е мило што ја делев оваа сцена со Влатко Стефановски, вели Мојсовски.

  „РОК СИМФОНИЈА“  ја обедини публиката од сите генерации која уживаше во познатите рок песни.

OhridNews