Сo анексот на договорот за автопатот Кичево -Охрид, кој беше прифатен на последната седница на Владата, изградбата на оваа делница се пролонгира за три и пол години. 

-На барање на Надзорниот орган, донесовме одлука да се склучи анекс на договорот за изградба на автопатската делница Кичево- Охрид со продолжување на рокот односно крајниот рок да биде 30 јуни 2021 година. Потребата од продолжување на рокот за доизградба на овој капитален проект се јавува поради неусогласеност на проектната документација со реалните услови на теренот како и променливата геологија на теренот која не одговара со геологијата предвидена во проектот. Поради тоа е потребно е препроектирање на: тунелското решение, препроектирање на сите усеци, препроектирање на повеќе вијадукти, мостови, потпорни зидови, натпатници, потпатници плочести и цевасти пропусти, комплетна проектна документација за девет клучки, како и  изработка на проекта документација за позиции кои не биле предвидени во основниот проект а морале да се предвидат заради неоходно и правилно функционирање на автопатот. –  истакна денеска на прес конференција министерот за транспорт и врски Горан Сурагески. 

Сето ова, додаде Сугарески, предизвика дополнителни и нови работи а со тоа и зголемен обем на работа што суштински влијае врз продолжување на рокот, но и значителни финансиски импликации по однос на конечната вредност на автопатот. 

-Овој анекс се однесува само за продолжување на рокот. Не се однесува за дополнителните средства бидејќи се уште се прават сеопфатни анализи колку би чинел дополнително. Најпрво е потребно да се изврши допроектирање на сите работи што претходно ги спомнав и потоа стручен тим во соработка со надзорниот орган ќе даде конкретна дополнителна цена на чинење на автопатот. – додаде Сугарески, пoсочувајќи дека очекува Законот за реализација на инфраструктурните проекти за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид најбрзо да влезе во собраниска процедура и во скратена постапка пратениците да ги излгасаат потребните измени, за да може да продолжи изградба на автопатот.

OhridNews