Од годинава сите четири тениски гранслем-турнири ќе имаат покрив на барем еден од терените на кои се играат мечевите. Откако претходно покриви беа поставени на по два терена во Њујорк за САД опен и во Лондон за Вимблдон, како и три во Мелбурн за Австралија опен, од годинава и централниот терен (Филип Шатрие) во Париз за турнирот Ролан Гарос ќе има подвижен покрив.

Со тоа ќе се олесни организацијата на мечевите и распоредот нема толку да зависи од временските услови. Организаторите објавија и дека од годинава сите мечеви од четврт-финалето ќе се играат на стадионот „Филип Шатрие“, како и сите преостанати до финалето, за да се обезбедат еднакви услови и да се избегнат евентуални одложувања поради невреме.

Според информациите, покривот се состои од 11 дела, секој тежок 300 тона, изработката траела две години во работилница во близината на Венеција, се поставува осум месеци, а потребни се 15 минути за да го прекрие стадионот, со вкупна површина од еден хектар.

Подвижниот покрив ќе има повеќе тестови до почетокот на вториот годинашен гранслем-турнир, во мај.

OhridNews