Македонската ракометна репрезентација ќе го продолжи континуитетот на учества на Мундијалите, откако во бараж дуелот успешно со вкупен резултат (57-50) ја мина селекцијата на Романија. „Црвено жолтите“ на гостувањето во Клуж изгубија со минимален резултат (26-25), а клучна во баражот се покажа победата на нашите ракометари (32-24) во првиот меч одигран во Скопје. 

Добриот почеток на натпреварот им донесе предност на македонските репрезентативци (5-2). Потоа следуваше пад во играта и концетрацијата, што романците најпрво го искористија за изедначување 7-7 и водство од 10-7. Македонија повторно заигра како што знае и со серија 4-1 дојде до егал 11-11, а домаќините со гол во последниот напад од првиот дел на одмор заминаа со плус еден 12-11.

Во воведните минути од второто полувреме романците повторно стигнаа до плус три 16-13, но нашите ракометари одново најдоа начин и дојдоа до изедначување 17-17. Во втората половина од вториот дел домашните ракометари успеаја да преполават предноста на македонските ракометари поведувајќи со 24-20. Сепак, пулените на Раул Гонзалес ја смирија топката и до крајот на мечот не дозволија изненадување, а на романците им остана радоста за минималната победа (26-25).

Македонија четврти пат по ред ќе биде дел од собирот на најдобрите ракометари во светот, а вкупно шест пати има учествувано на ракометните Мундијали. Светското првенство во јануари следната година ќе се одигра во Германија и Данска.

Фото: Екипа.мк
OhridNews